За време на групна вежба во еден од фитнес-клубовите во Вашингтон, членовите на статични велосипеди ги вртат педалите се` побрзо, следејќи ги командите на инструкторот.
Џилиен Куни, членка на клубот веќе четири години, ужива во вежбата. Но, деновиве, вели таа, групните вежби се уште повозвудлив предизвик, затоа што статичните велосипеди неодамна биле надоградени со технологија на компанијата „Зелена револуција“ со која вежбањето на нив се претвора во електрична енергија.
Мајк Курнин, претставник на компанијата со седиште во сојузната држава Конектикат, вели дека велосипедистите го контролираат нивото на отпорност на велосипедот преку екран што фукционира на допир, на кој истовремено може да следат и колку енергија испратил велосипедот до електричната мрежа.
„Секој од велосипедистите има потенцијал да генерира околу 100 вати на час за време на едно вежбање, така што доколку се работи за 25 велосипедисти, има потенцијал да се произведат околу 2-3 киловати електрична енергија“, вели Курнин.
Се произведува доволно енергија, велат од компанијата, да се осветли голема просторија во фитнес клубот или за да функционира клима-уредот.
Крајниот резултат не е само економичноста, туку и поттик за посетителите на клубот да се посветат повеќе на вежбањето, знаејќи дека со тоа придонесуваат за почиста животна средина.
„Зелена револуција“ за првпат ја инсталираше својата опрема пред еднаипол година. Сега технологијата на компанијата е присутна во околу 60 објекти ширум САД и Канада, а во моментот таа тестира начини како да ја примени и на други фитнес-направи.