„Речено е дека за поетот јазикот е неговата татковина. Македонскиот јазик е нашата татковина. Управниот одбор и Дирекцијата на Струшките вечери на поезијата го осудуваат несфатливиот и неприфатливиот чин на негово негирање“, стои во реакцијата на Управниот одбор и на Дирекцијата на Струшките вечери на поезијата.
Писателите Славе Ѓорго Димоски, претседател на УО, и Данило Коцевски, директор на Фестивалот на поезијата, потенцираат дека еден од најстарите поетски фестивали во светот, годинава го одбележал петдеценискиот јубилеј со учество на 300 поети од пет континенти.
„Десетици поети од светот се преведени на македонски јазик, со што е сочувано достоинството на нивните идеи и пораки. Но, и обратно, поетските вибрации на македонскиот јазик се присутни во светот преку бројни преведени дела од македонски автори, особено песната „Т’га за југ“ од Константин Миладинов. Таа е преведена на јазиците на стотина земји од светот. Поезијата на венцоносците: Неруда, Монтале, Алберти, Енцензбергер, Рицос, Вознесенски, Гинзберг, Бродски, Тед Хјуз, Хини, Махмуд Дарвиш...., вклучувајќи го и годинашниов нобеловец Томас Транстромер, преведена е на македонски јазик, а достоинствата на нивните творци веќе се неодвоив дел од нашата култура“, стои во реакцијата на СВП.
„Немањето на никаква идентификација, како што се случува години наназад во извештаите на Унијата за Македонија, значи дека во една неидентификувана држава во Европа живее неидентификуван народ кој зборува на неидентификуван јазик. Зарем навистина некој верува дека вакво нешто постои во Европа!?“ – пишува, пак, во протестното писмо на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Лингвистите укажуваат дека македонскиот јазик е реалност и службен јазик во Република Македонија. Го користат околу два милиони граѓани, како и Македонците кои живеат во соседните држави и во дијаспората ширум светот. „Тоа што извештаите на Европската унија сакаат да му протнат на македонскиот народ е голем срам за Унијата и заобиколување, непотпирање врз научно потврдените факти или нивно непознавање, како и свесно кршење на елементарните човекови права, меѓу кои на прво место се правата за слободно определување: етничко и религиозно. Зарем би можел некој друг подобро од нас да знае кои сме и на кој јазик зборуваме?“, се вели во реакцијата на Институтот за македонски јазик до Европската комисија во Брисел.
Откако минатата недела, протест во знак на бришењето на придавката „македонски“ во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија упатија ректорите на трите државни универзитети во Скопје, Битола и во Штип, професорите Велимир Стојковски, Златко Жоглев и Саша Митрев, студентските парламенти на овие универзитети, како и Друштвото на писателите на Македонија, сега реагираа и спортските асоцијации.
Во писмото до еврокомесарот за проширување Филе, фудбалската федерација на Македонија протестира поради отворената негација на македонскиот идентитет.
„Фудбалот и фудбалската светска и европска федерација, покрај тоа што промовираат здрав живот, спротивставување на расизмот, насочување кон образование за индивидуален напредок и избегнување на навредувањето по било која основа, промовира и почитување меѓу луѓето и на идентитетите, вредности кои ние како претставници на македонскиот фудбал дословно ги почитуваме, и очекуваме од Вас како граѓани на Европа, истото тоа да го правите“, му пишува на Филе претседателот на ФФМ Харалампие Хаџи Ристески.
И Македонската кошаркарска федерација испрати писмо до еврокомесарот за проширување, во кое се изразува навреденост од “последните постапки на Европската Комисија со кои се негира македонскиот идентитет“.
„Искрено се надеваме дека ќе го смените Вашиот однос, и од името на сите македонски граѓани кои безрезервно не подржуваат бараме од Вас да не нарекувате како што се чувствуваме со цело срце и своја душа – Македонци, и никако поинаку“, му пишуваат од МКФ на еврокомесарот Филе.