Не е дека Елизабет Гилберт имала толку лош живот. Живее во Њујорк, а работи како патеписец, со можност да посети најразлични егзотични локации ширум светот. Сепак таа чувствува дека нешто и` недостасува.
„Имав апетит за храна, за живот, но сега го немам. Сакам да одам некаде каде ќе можам да се восхитувам на нешто“, вели Гилберт.
Опоравувајќи се од тежок развод, таа одлучува да земе едногодишен одмор за повторно да го пронајде својот апетит. Лиз во филмот „Јади, Моли се, Сакај“ ја игра оскаровката Џулија Робертс која вели дека следејќи ги стапките на улогата и` помогнало да го разбере нејзиното искуство.
„Јас како личност се поврзав со нејзиното трагање“, вели Робертс.
Прва станица на самопронаоѓањето на Елизабет е Италија, каде ја открива природната поврзаност до храната.
„Заљубена сум. Во врска сум со мојата пица“, вели таа.
Оттаму заминува во Индија во потрага по духовно просветување.
„Се обидувам“, објаснува Лиз. „Токму тоа е проблемот“, одговара еден од духовните лидери. „Престани да се обидуваш. Предади се. Појди во градината, само седи, со смирени мисли и види што ќе ти се случи“.
Третата дестинација за Елизабет е островот Бали во Индонезија, каде се обидува да ги излечи срцевите рани и каде одново се вљубува, овојпат во атрактивен Бразилец, кого го игра Хавиер Бардем.
Режисерот и ко-сценаристот Рајан Марфи, вели дека светскиот успех на мемоарот на Елизабет Гилберт, прв пат објавен во 2006-та година, ставил притисок за сериозен пристап и во подготвувањето на овој филм.
Точно е дека конкретно читателки придонесоа книгата да стане бестселер, но Џулија Робертс додава дека проектот ги надминува половите разлики.
„Тоа се должи на универзалните теми како тага, чувство на вина, конфузија, или само на желбата да внесете нов дух во вашиот живот. Мислам дека сите сме минале низ овие фази“, изјави Робертс.
„Јади, Моли се, Сакај“ во американските кино-сали почна да се прикажува во петок.