Линкови за пристапност

Нападите со беспилотни летала во Пакистан најверојатно ќе продолжат


Нападите со беспилотни летала во Пакистан најверојатно ќе продолжат
Нападите со беспилотни летала во Пакистан најверојатно ќе продолжат

Пакистан јавно се спротистави на убиствата, но армијата на оваа земја наводно пружа информации за целите на нападите.

Неодамна објавен извештај на ОН ја повика владата на претседателот Барак Обама да прекине со нападите со беспилотни летала против лица осомничени дека се терористи долж границата на Пакистан со Авганистан. Критиката ги осуди нападите, наведувајќи дека може да се сметаат за атентати, а, со тоа, и за прекршување на меѓународното право.

Третиот по ранг водач на Ал-Каида, Мустафа Абу ал-Јазид наводно загинал од проектил испука од беспилотно летало во племенскиот регион во Пакистан, на само еден ден пред ОН нации да го објават извештајот што бара САД да се воздржат од употреба на беспилотните летала надвор од воени зони, како Пакистан.

Владата на Обама не потврдува дека ЦИА раководи со програма за напади со вакви летала. Пакистан јавно се спротистави на убиствата, но армијата на оваа земја наводно пружа информации за целите на нападите.

„Нападите се случуваат. ЦИА може да порекнува, но пакистанската влада не само што знае дека постојат, туку и овозможува да се случат. На пример, пред една година беше обелоденето дека леталата, спротивно на тезите дека се нарушува пакистанскиот суверенитет, полетувале од пакистански воздухопловни бази“, вели Питер Сингер, експерт по одбрамбени прашања во Институтот Брукингс од Вашингтон.

Руел Марк Геркт, аналитичар за разузнавање во Фондацијата за одбрана на демократии, со седиште во Вашингтон, коментира: „Доколку луѓето најдиректно вклучени во ова – Пакистанците – навистина сакаат да прекине операцијата, тогаш мислам дека пакистанската влада ќе најде начин да го дигне гласот и да ги прекине“.

За време на посетата на Пакистан минатиот октомври, американската државна секретарка Хилари Клинтон рече дека одбила да дискутира за леталата. Но, во март, правен советник во Стејт департментот ги бранеше убиствата како оправдани, со оглед на конфликтот со Ал-Каида.

Во извештајот на ОН стои дека САД треба да објават конкретни бројки за цивилните жртви причинети од нападите со беспилотни летала. Во документот се изразува и загриженост дека станува се` полесно да се извршат целните убиства, а и се се` почести, бидејќи леталата се контролирани од комјутери, далеку од бојното поле.

Сингер, од Институцијата Брукингс вели дека преку 40 земји во светот поседуваат беспилотни летала и тој ја поддржува идејата тие да се употребуваат во Пакистан.

„Постојат терористички лидери кои имаат сторено мошне лоши нешта и планираат лоши работи и во иднина. Тие намерно се кријат во непристапни области. Не можете да ги фатите, не можете да ја натерате локалната влада да реагира, и единствениот начин да се допре до нив се ваквите напади“, вели овој стручњак.

ОН предлагаат да се организира самит на клучните армиски сили со цел да се разјаснат ограничувањата за убиства со помош на беспилотни летала.

XS
SM
MD
LG