Владата на претседателот Барак Обама го укина мораториумот за подводно дупчење на нафта и природен гас во Мексиканскиот Залив. Мораториумот беше воведен во април, по експлозијата на платформа на Бритиш петролеум во која загинаа 11 работници и беше предизвикано најголемото нафтено излевање во историјата. Реакцијата од енергетскиот сектор и локалните политичари главно е позитивна, но со доза на внимателност.
Републиканскиот гувернер на Тексас Рик Пери, кој ја тужеше федералната влада поради забраната, беше меѓу оние кои резервирано реагираа.
„Да почекаме за да видиме што точно значи ова. Повторно ќе реагираме доколку биде ограничено создавањето на работни места и подводните нафтени истражувања“, изјави Пери.
Гувернерот од Луизијана Боби Џиндал, исто така републиканец, чија сојузна држава најмногу настрада од нафтеното излевање на БП, особено со загуба на бројни работни места, коментираше дека одлуката на Белата куќа е добра вест, но „мошне задоцнета“.
За разлика од него, конгресменката Шила Џексон Ли, демократ од Хјустон, вели дека соопштението од Белата куќа е одлична вест за регионот.
„Администрацијата не е против Тексас, не е против подводното дупчење. Всушност, претседателот на САД уште пред катастрофата ја истакна определбата за крајбрежно подводно дупчење “, рече Ли.
Според Ли, меѓупартиски ангажман на сенатори и конгресмени од крајбрежните сојузни држави како Тексас, Луизијана и Мисисипи влијаел врз Обама и секретарот за внатрешни работи Кен Салазар да ја укинат забраната што е можно поскоро.
Федералните власти проценуваат дека забраната за подводно дупчење чини меѓу 8.000 и 12.000 работни места.
„Мораториумот беше лоша идеја уште од самиот почеток. Индустријата функционираше безбедно, со исклучок на ужасниот инцидент на БП. Имаме и ужасни авионски несреќи, па не го прекинуваме авионскиот сообраќај. Немаше основа за прекин на работата на 33 нафтени платформи, сите имаат минато низ инспекции. Ова беше политички чекор по што би следеле политички последици“, вели Џон Хофмајстер, поранешен претседател на компанијата Шел оил.
Хофмајстер додава дека штетата од мораториумот и другите потези на владата, што го забавија домашното нафтено производство, ќе значат удвојување на цената на нафтата во САД до 2012-та година. Тој вели и дека рестрикциите за домашните производители на нафта најверојатно ќе значат зголемување на увозот, за да се задоволи енергетската побарувачка во САД.
Владини претставници информираат дека дупчењето во Мексиканскиот Залив најверојатно нема да започне наскоро бидејќи компаниите ќе треба да ги исполнат новите безбедносни стандарди.
Експертите велат дека можно е да бидат потребни неколку недели пред да се одобрат дозволите за дупчење. Сепак, секретарот за внатрешни работи Салазар истакнува дека компаниите подготвени да ги следат правилата, може да оперираат во регионот на Мексиканскиот Залив, на кој отпаѓаат преку 30% од производството на нафта во САД.