Линкови за пристапност

Македонија на 38-то место во новиот извештај на Светската банка „Дуинг бизнис 2011“


Македонија на 38-то место во новиот извештај на Светската банка „Дуинг бизнис 2011“
Македонија на 38-то место во новиот извештај на Светската банка „Дуинг бизнис 2011“

Од земјите во регионот зад неа се Словенија, Бугарија, Турција, Албанија, Хрватска, Србија, Грција и Косово.

„Дуинг бизнис 2011“ на Светската банка е осми во серијата годишни извештаи што ги истражуваат регулативите што ги поттикнуваат деловните активности и можностите за водење бизнис. Во него се прикажани квантитативни показатели за регулативите и заштитата на правата на имот во 183 земји во светот, од Авганистан до Зимбабве.

Македонија е на 38-то место и е најдобро рангирана од земјите од регионот, иако бележи пад за две позиции во споредба со претходниот извештај. Зад неа се Словенија, Бугарија, Турција, Албанија, Хрватска, Србија, Грција и Косово.

Извештајот се изработува врз основа на девет категории. Македонија напреднала во „Започнување на бизнис“ и „Плаќање на даноци“. Во првата категорија се наоѓа на петото место, веднаш зад Нов Зеланд, Австралија, Канада и Сингапур. Постапката на регистрирање на компанија во Македониај била автоматизирана уште во 2006-та, а веќе наредната година по првичните промени, како што стои во извештајот, регистрацијата на нови фирми се зголемила за 20%. Во делот за „Плаќање даноци“, исто така е забележан напредок и Македонија во моментов се наоѓа на 33-то место во светот. Во извештајот стои дека земјата имплементирала крупни реформи во даночниот систем изминативе неколку години, и тоа континуирано. И покрај глобалната економска криза, бројот на компании регистрирани како даночни обврзници во Македонија се зголемил за 16% за периодот меѓу 2008-ма и 2009-та година.

Во две категории „Добивање на градежни дозволи“ и „Заштита на инвеститори“, Македонија го задржала нивото од 2010-та година. Во делот за „Регистрирање на имот“, земјата не се котира најдобро, иако надлежните органи го намалија времетраењето на регистрирање на 40 дена, и тоа се` се изведува електронски. Македонија полошо е рангирана и во категориите „Добивање на кредити“, „Прекугранично тргување“, „Спроведување на договори“. Во „Затворање на бизнис“ е на 116-то место.

Појдовна точка на извештајот е дека за секоја економска активност се потребни солидни правила што ги поставуваат и појаснуваат правата за поседување на имот, што ги намалуваат трошоците и ја зголемуваат предвидливоста за економски интеракции и заштитата на деловните партнери. Целта е регулативите да бидат ефикасни, пристапни за сите и едноставни во имплементацијата.

Во извештајот и изразена особена благодарност на владите на осум земји меѓу кои и Македонија, за тоа што обезбедиле статистички информации за влијанието на реформите на деловните регулативи за периодот 2009-2010 година за потребите на овој проект.

XS
SM
MD
LG