Линкови за пристапност

Републиканците најавуваат промени во работата на Претставничкиот дом


Републиканците најавуваат промени во работата на Претставничкиот дом
Републиканците најавуваат промени во работата на Претставничкиот дом

Конгресменот од сојузната држава Охајо ќе ја замени демократката Ненси Пелоси, која беше првата жена – претседателка на Претставничкиот дом во американската историја

Новиот, 112-от по ред состав на Претставничкиот дом, каде контролата сега ја имаат републиканците, го избра Џон Бејнер за свој претседател со 241 глас „за“ и 173 „против“. 19 членови гласаа за други предложени законодавци, или пак беа воздржани.

Конгресменот од сојузната држава Охајо ќе ја замени демократката Ненси Пелоси, која беше првата жена – претседателка на Претставничкиот дом во американската историја.

„Ова е моќен симбол на американската демократија – мирното и достоинствено предавање на власта“, рече Пелоси по предавањето на дрвениот чекан со кој се водат сесиите во рацете на Бејнер.

Претставничкиот дом беше исполнет со новоизбраните членови на Конгресот, придружувани од членовите на семејствата. Бејнер, излегувајќи на подиумот ја поздрави својата сопруга, двете ќерки и 10-те од 11-те браќа и сестри. Ги избриша солзите од очите пред почетокот на првиот говор на функцијата.

„Американскиот народ не` направи непретенциозни. Ни` го освежи сеќавањето за тоа колку е привремена привилегијата да се биде во државна служба. Не` потсети дека сето ова овде треба да му служи нему, на народот. Овој Претставнички дом е дом на народот“, рече Бејнер.

Републиканците извојуваа победа во Претставничкиот дом за време на конгресните избори во ноември. Па сепак, демократите задржаа тесно мнозинство во Сенатот.

Бејнер рече дека гласачите испратиле јасна порака дека не задоволни од состојбата во земјата.

„Се собравме денеска, во време на големи предизвици. Речиси еден од секои десет наши соседи, на пример, е невработен. Трошоците за здравствено осигурување и натаму растат за семејствата и малите бизниси. Имаме огромни трошоци, а нашиот долг наскоро ќе ја надмине големината на целата економија. На 112-от состав на Конгресот му престои многу работа. Не смееме повеќе да потфрлуваме. Народот гласаше да стави крај на статус-кво ситуацијата и денеска започнуваме да ги исполнуваме неговите инструкции“, кажа Бејнер.

И Бејнер, и Пелоси, ветија дека ќе работат на надминување на партиските разлики. Сепак, многумина од новоизбраните републикански законодавци се поддржувачи на мошне ограничена улога на владата и скратувања на даноците, со потенцијал да бидат резервирани за компромис со демократите.

Од случувањата во Сенатот, лидерот на сенатското мнозинство, демократот Хари Рид изјави дека ќе врши притисок за исполнување на агендата на претседателот Барак Обама за креирање на нови работни места и зајакнување на економијата. Се очекува Рид да се соочи на противење од се` посилното републиканско малцинство.

XS
SM
MD
LG