Линкови за пристапност

Пазарите реагираат на најавите за послободен јуан


Пазарите реагираат на најавите за послободен јуан

Џон Хантсман, американски амбасадор во Кина, потегот на кинеската влада го оцени како „искрен обид на Кина да направи нешто за разменскиот механизам на јуанот“

Од Њујорк до Хонг Конг акциите пораснаа во понеделникот по соопштението од викендот дека Кина ќе дозволи на својата валута послободно да се разменува, иако во рамки на мал простор. Аналитичарите го поздравија потегот велејќи дека јуанот бил врзан за доларот речиси две години.

Ванг Тао е главен економист на ЈуБиЕс во Кина. Според него, тајмингот е добар, бидејќи кинеската економија е силна и глобалното опоравување е прилично јасно, и покрај сите неизвесности поврзани со европската должничка криза.

Многу просечни Кинези ги поздравија вестите, велејќи дека тоа ја зголемува нивната куповна моќ. Еден човек анкетиран во кинеска банка кажа: „За нас ќе биде поевтино да купуваме и да патуваме. Ако јуанот порасне за нас е подобро“.

Како што предвидуваа аналитичарите, размената на кинескиот јуан порасна и во понеделникот беше највисока за последниве пет години. Тие велат дека и покрај скокот, очекуваат реформата на разменската стапка да биде постепена.

Жоу Шијиан е виш соработник во Центарот за кинеско-американски односи на универзитетот Цингхуа.

„Со реформата на валутата треба да се зголеми флексибилноста на јуанот, но тоа не значи драматичен пораст“, предупредува тој.

Потегот на Кина се случува во време кога лидерите на Г-20, што ги претставува најважните економии на светот, се подготвуваат за самитот на крајот на неделава во Канада. Кинеската валутна политика силно беше критикувана од државите кои сметаат дека кинеската валута била потценета за сопствена добробит на Кина.

Џон Хантсман, американски амбасадор во Кина, потегот на кинеската влада го оцени како „искрен обид на Кина да направи нешто за разменскиот механизам на јуанот“.

„Со ова се симнува од маса иритантот од американско-кинеските односи“, додава амбасадорот.

Пекинг од сега ќе го врзува јуанот за „кошница“ валути, а не само за доларот.

XS
SM
MD
LG