Според американскиот магазин „Надворешна политика“, поранешниот американски претседател Џими Картер деновиве ќе замине во Северна Кореја за да обезбеди ослободување на американски државјанин кој се наоѓа во затвор во оваа земја уште од јануари.
Магазинот цитира извори во тек со плановите на Картер, кои велат дека 85-годишниот претседател ќе патува во функција на приватен граѓанин.
Севернокорејската полиција го уапси Аиџалон Махли Гомес по потекло од Бостон, Масачусетс, заради илегален премин во Северна Кореја преку Кина.
На Гомес му е одредена осум годишна казна затвор и парична казна во висина од 700.000 долари.
Државните севернокорејски медиуми јавуваат дека минатиот месец тој се обидел да се самоубие.
Стејт департментот неодамна во Пјонгјанг испрати дипломатски тим, но мисијата за ослободување на Американецот заврши неуспешно. Портпаролот Пи Џеј Кроли изјави дека САД се загрижени за здравствената состојба на Гомес и контактираат со Северна Кореја за негово евентуално ослободување на хуманитарна основа.