Ставовите се објавени во најновата книга на поранешниот британски премиер Тони Блер на 718 страници, со наслов „Патување“. Тој вели дека целта му била книга што нема да биде традиционален политички мемоар.
„Сакав да напишам книга која на читателот ќе му даде претстава за човечките, но и за политичките димензии од мојот живот додека бев премиер“, вели Блер.
Тој истакна дека му биле потребни три години да го напише мемоарот што го опфаќа периодот од 10-те години додека бил на функцијата.
„Доловен е искрен елемент од мојот живот во политиката, за тоа што значи да се биде лидер и во Британија и секако на меѓународна сцена. Во книгата се дава преглед на тешките одлуки, на подемите и падовите“, изјави Блер.
Како подем е претставена победата на изборите во 1997-та година кога тој ја презеде премиерската функција и посредувањето при постигнувањето на Договорот Голем петок од 1998-ма што донесе мир во Северна Ирска. Блер пишува и за злосторствата што го поттикнаа да испрати трупи на Косово, како и за жалењето за загубените британски животи во Ирак. Но, тој не се извинува за тоа што ја одвел земјата во војна. Генерал-мајорот Тим Крос бил на видна позиција за време на инвазијата на Ирак во 2003-та.
„Мислам дека е мошне искрен во неговите коментари дека не жали за то низ што минал. Очигледно дека бил погоден, но не мислам дека имало некакво двоумење во одлуките, зашто на крајот сепак верува дека она што го направил било правилно“, вели Крос.
Блер планира профитот од продажбата на книгата да го донира за хуманитарна помош на ранетите војници.
Активисти против војната во Ирак наредната недела ќе протестираат пред една од книжарниците во Лондон каде Блер ќе дава автограми. Се предвидува неговиот мемоар да биде светски бестселер, додека истовремено еднодецениското владеење на Тони Блер останува контроверзно во Британија.