Линкови за пристапност

Иванов ги посети македонските војници во Авганистан


Иванов ги посети македонските војници во Авганистан
Иванов ги посети македонските војници во Авганистан

Засега нема најави за зголемување на бројот на македонските мировници.

Претседателот Ѓорге Иванов е во Авганистан. Целта на мисијата е да се запознае одблизу со активностите на воената мисија ИСАФ во која учествуваат и припадниците на Армијата на Република Македонија.

Врховниот командант на АРМ во Кабул се сретна со македонските војници, а разговараше и со американскиот генерал Дејвид Петреус, командантот на ИСАФ.

„Нашите војници професионално ги извршуваат сите обврски, тие се почитувани од сите нивни колеги, меѓутоа се почитувани и од локалното население“, изјави претседателот Иванов.

Засега нема најави за зголемување на бројот на македонските мировници. Република Македонија учествува со четири проценти од својот армиски потенцијал, што ја вбројува меѓу првите четири членки - учесници во ИСАФ.

Една од темите за кои претседателот Иванов во Кабул раговара и со командата на ИСАФ за зајакнување на полициските сили. Потребата за развој на овие сили е следниот чекор за кој се предвидуваат низа проекти од земјите-членки во мисијата ИСАФ, јавуваат известувачите на медиумите од Македонија кои го придружуваат претседателот.

Македонија веќе девета година активно учествува во мисијата во Авганистан.

XS
SM
MD
LG