Линкови за пристапност

Македонија: Oпозицијата во офанзива


Македонија: Oпозицијата во офанзива
Македонија: Oпозицијата во офанзива

Настапот на лидерот на опзицијата и најавите за серијата на протести предизвика реакции од другите политички партии.

Протестите се со цел, како што вели опозицијата, да се овозможи народот да го изрази незадоволството од владењето на владата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Груевски се срами од историјата на македонскиот народ и затоа ни измислува нова историја. Тој не го брани, туку со политички инженеринг го негува националниот идентитет на македонскиот народ. Ете затоа е лажен патриот. Затоа е манипулатор со националните чувства на секој наш граѓанин, на целиот наш народ“, изјави Бранко Црвенковски пред околу 10 илјади симпатизиери на социјалдемократите во Прилеп.

Настапот на лидерот на опзицијата и најавите за серијата на протести предизвика реакции од другите политички партии.

„Ова е тивок бојкот и црвен картон за Црвенковски од прилепчани“, рекоа во ВМРО-ДПМНЕ.

За ВМРО-ДПМНЕ народниот собир на опозицискиот фронт е фијаско. Опозицискиот лидер, велат тие, го одржал својот најпразен говор и бил со единствена цел да расчисти со внатрешните опоненти.

„Говорот на Црвенковски беше полн со омраза, полн со поделби и беше израз на нервоза затоа што немаше масовен одзив ниту од прилепчани, ниту од граѓаните на Република Македонија“, рече Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ. Критика на сметка на СДСМ изразија и во опозициската Либерално-демократска партија.

„Вчерашниот настап на Црвенковски е уште една потврда на ставот на ЛДП, дека токму тој претставува најголем кочничар на што побрзото заминување на Груевски“, вели Андреј Жерновски од ЛДП.

Од влаеачката ДУИ, пак, предупредија да се внимава на реториката за да не се предизвикуваат нови поделби и тензии што можат негативно да влијаат во општеството. „Да се внимава на етикетирањето и едни спрема други да бидеме поздрави политички и поодговорни институционално и државнички“, рече Сафет Незири од ДУИ.

СДСМ најави дека ќе ги продолжи протестите во други градови низ Македонија. Слична најава стигна и од опозициската Обединети за Македонија. Тие највија дека на 7-ми ноември ќе организираат голем народен митинг во Скопје.

XS
SM
MD
LG