Линкови за пристапност

Четворица загинати во престрелка на македонско-косовската граница


Четворица загинати во престрелка на македонско-косовската граница
Четворица загинати во престрелка на македонско-косовската граница

Полицијата дејствувала според претходно добиени информации дека во областа на селото Радуша ќе помине група за која се знае дека пренесува оружје.

Нова престрелка меѓу полицијата и вооружена група на македонско-косовската граница. Загинале четворица припадници на вооружената група, а двајца се приведени.

Во акцијата на полицијата, чија цел била запленување на илегално оружје, во комбето марка Мерцедец спајдер во кое се возеле вооружените лица, биле пронајдени три рачни фрлачи на гранати, три вреќи гранати , автоматски и полуавтоматски пушки, снајпери, митралези, половина вреќа експлозив ТНТ, рачни бомби, противпешадиски мини, гранати за минофрлач, војнички чизми, амблеми на УЧК и мапа, соопшти МВР.

„Возачот се оглушил на наредбата на полицијата и бил отворен оган на полициската патрола, при што полициската патрола возвратила и во време на престрелката четири лица го загубиле животот“, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Полицијата дејствувала според претходно добиени информации дека во областа на селото Радуша ќе помине група за која се знае дека пренесува оружје. По неколкуте претреси на возила, на полициската патрола налетало и комбето Мерцедес спринтер со прилепски регистарски таблички, не застанало на полициската наредба, велат од МВР, туку групата во него извадила оружје и започнала да пука.

Повеќето од оружјето било конзервирано и од југословенско производство.

Телата на четворицата загинати се предадени на обдукција и Институтот за судска медицина е под полициски надзор. Според личните документи што убиените ги носеле со себе, досега утврден е идентитетот само на тројца.

Засега нема реакции од политичките партии. Затоа реакција пристигна од Американсата амбасада во Скопје. Во писмена изјава, амбасадорот Филип Рикер вели: „САД ја поздравуваат успешната полициска акција на Македонија против вооружени криминални елементи кои очигледно планирале акти на насилство против граѓаните на Македонија“.

Рикер притоа го повторува американскиот цврст став против насилството и, како што беше кажано во заедничката изјава со другите претставници на меѓународната заедница на 27-ми април, го осудува насилството и тие што го промовираат.

XS
SM
MD
LG