Линкови за пристапност

Лавров во Македонија


Лавров во Македонија
Лавров во Македонија

„Застарени се тезите дека Македонија треба да бира меѓу Америка и Русија“, рече рускиот шеф на дипломатијата

Руската Федерација не смета дека земјите во Европа треба да бираат меѓу Русија и САД. Ова е пораката што денеска ја пренесе шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, за време на неговата еднодневната официјална посета на Македонија, во рамки на турнејата по регионот.

„Застарени се тезите дека Македонија треба да бира меѓу Америка и Русија, ниту посетата на регионот има за цел да ја врати руската моќ на Балканот“, изјави Лавров по средбата со домаќинот, шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски.

Според него, фактот што американската државна секретарка Хилари Клинтон не ја посети Македонија на нејзината турнеја по Балканот не е причина за неговата посета, инаку договорена уште пред три месеци.

Милошоски по средбата со Лавров во Охрид се заложи за проширување на соработката мегу Македонија и Руската Федерација.

„Република Македонија, Руската Федерација ја гледа како дел од Европа, постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации и држава која има доста плодна соработка со сите членки на Европската унија. Има силен и сериозен интерес за економски напредок на Југоисточна Европа. Ова пријателство и посета е влог во унапредување на тие заеднички цели. Поделбите на исток и запад се еден застарен софтвер од времето на Студената војна и таа поделба е дел од историјата“, изјави Милошоски.

Лавров денеска во Охрид се сретна и со претседателот Иванов и премиерот Груевски, кои од него, како што беше соопштено, добиле уверување дека Русија како една од првите што Македонија ја призна под уставно име, останува на принципиелната политика за спорот со Грција.

Македонија и Русија денеска потпишаа договор за координација во различни области од надворешната политика, а се детализира и Договорот за пријателство и соработка што го иницираа претседателите Иванов и Медведев минатата година за време на средбата во Санкт Петерсбург.

Рускиот министер за надворешни работи денеска на Македонија и’ предаде архивски документи од руските архиви што се значајни за македонската историја.

Ова е прва официјална посета на шеф на руската дипломатија на Македонија во изминатава деценија.

XS
SM
MD
LG