Помошник-државниот секретар на САД Филип Гордон, четвртокот во Скопје порача да се работи конструктивно на решавањето на спорот со Грција.
„Ние силно го поддржуваме надминувањето на спорот со името меѓу Македонија и Грција. Ние силно го поддржуваме зачленувањето на Македонија во НАТО и интеграцијата во Европската Унија. Решавањето на проблемот со името е клучот за деблокирање на тој процес. Мојата порака е да работите конструктивно со Грција, да најдете решение за ова прашање и да продолжите напред. Кога тоа ќе се случи, САД ќе биде силен поддржувач на тој договор“, изјави Гордон.
Тој денеска се сретна со преседателот Ѓорге Иванов и водачите на СДСМ и ДУИ, Бранко Црвековски и Али Ахмети. Предвидената средба со премиерот Никола груевски наместо во Скопје ќе се одржи вечерва во Загреб поради неможноста Груевски од Мароко да допатува во Скопје.
На средбата со шефот на макеоднската држава било потврдено силното партнерство меѓу САД и Македонија. Од македонска страна, како што е соопштено, Иванов изразил подготвеност за решавање на проблемот со името со Грција.
Црвенковски по средбата со Гордон кажа дека САД сметаат оти е крајно време да се надмине спорот со името и на тој начин да се деблокираат евро-атлантските интеграции на земјава. Според првиот човек на опозивиониот СДСМ, периодот до јуни е краток за решавање на проблемот со името и само треба да почне процесот, а од аспект на САД, како што рече, следната одредница која можеби e и побитна е самитот на НАТО во октомври и почетокот на ноември во Португалија.
„Дотогаш процесот треба да заврши, што значи дека треба да почне деновиве“, рече Црвенковски.
На сребата станало збор и за меѓуетничките односи и за двете акции на МВР во кои беше запленета значајна количина оружје.
По средбата со Ахмети, Гордон му се заблагодари на водачот на ДУИ за улогата во меѓуетничките односи.
„Му благодарам на Ахмети за силната изјава со која ги осуди неодамнешните насилства што ги видовме на границата, нешто што и САД остро го осудија“, рече Гордон.