Линкови за пристапност

Се избира нов претседател на ДИК


Се избира нов претседател на ДИК
Се избира нов претседател на ДИК

Власта и опозицијата и натаму без согласност околу предвремените избори

Се` уште не се гледа излез од политичката криза која настана откако опозиционите партии, со исклучок на либерал-демократите, решија да го напуштаат парламентот.

Ситуацијата се комлицираше и со оставката на првиот човек на Државната изборна комисија. Денеска Собранието без присуство на опозицијата се одлучи да започне процес за избор на нов претседател на ДИК. Конкурсот ќе трае осум дена, а СДСМ, по чиј предлог треба да биде избран претседателот на ДИК, има можност да предложи кандидат, соопштија од владејачкото мнозиство.

Ако тоа не го направи, што е се` поизвесно, со оглед што најголемата опозициона партија и натаму е надвор од Собранието, власта има намера самата, преку комисијата за избори и именувања, да избере прв човек на ДИК.

„Имаме среќа што во моментот кога се правел законот, неговите предлагачи, односно Владата на Република Македонија, ги имала предвид сите можни сценарија, сите можни варијанти, за да не се дозволи какво било блокирање или какво било замрзнување во функционирањето на овој клучен државен орган“, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, ваквата можност зависи од политичката одлука на ДУИ, без која ВМРО-ДПМНЕ не може да обезбеди двотретинско мнозинство неопходно за изборот на претседателот на ДИК.

„Ние не сме заинтересирани да одиме на предвремени избори, без договор, без еден објективен договор, без прифатлив договор и почитуван од сите поголеми политички партии. Пред се` договор што ќе биде резултат на дијалогот меѓу власта и опозицијата“, вели Ермира Мехмети од оваа партија.

Либерал-демократите, како единствена опозициона сила во парламентот во моментов, повикаа на разум.

„Работите не се тераат на сила, туку со разум и компромис. Со дијалог може да се дојде до секое решение. Вака, сметам дека ситуацијата во Македонија, наместо да се смирува, ќе се радикализира“, коментира Роза Топузовска од ЛДП.

Социјал-демократите го повикаа премиерот на Македонија и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да ги прифати нивните предуслови за предвремени избори:

„Господине Груевски, јавно ве повикуваме да престанете со вашето брутално политичко насилие. Престанете да се надмудрувате преку медиумите. Не губете време, прифатете ги нашите разумни предуслови и да одиме на слободни, фер и демократски предвремени избори“, изјави Емилијан Станковиќ, СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираше со коментар дека СДСМ во основа не сака да дојде до избори:

„ВМРО-ДПМНЕ смета дека тврдењата на СДСМ во врска со условите за фер и демократска изборна кампања, особено во делот на легитимноста на избирачкиот список, се крајно неточни и се дел од политичката импровизација на оваа партија, а имаат за цел да спречат одржување парламентарни избори што поскоро во стилот на народната `бараме избори, а му се молиме на бога тие да не се случат`“, изјави на денешната прес- конференција Александар Спасеновски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Денеска пропадна уште еден обид на спикерот Ваљановски да се надмине кризата.

„За мене е несфатливо тие што претходно бараа цело време предвремени избори, се наоѓа на секаков начин изговор од нивна страна, да не присуствуваат за да може да се распишат избори“, рече претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Опозицијата пред да се врати во Собранието инсистира на ослободувањето од, како што велат во медиумите, владиниот притисок, суштински измени во изборниот законик, сериозен пристап кон прочистување на списокот и Закон за МТВ со што ќе се обезбеди, како што велат во СДСМ, тој да функционира како јавен, а не партиски сервис.

Во понеделник се очекува да се разјаснат работите по инцијативата сите проблеми да се надминат на лидерска средба.

XS
SM
MD
LG