Државите од балканскиот регион во понеделник во Маврово одлучија заеднички да дејстуваат на планот на заштитата на биодиверзитетот. Соработката што ја договорија претставниците на Минстерствата за екологија на земјите од регионот се базира на европските стандарди кои, како што се наведува во заедничката декларација усвоена на оваа Регионална коференција, треба што поскоро да бидат имлементирани во секоја од државите.
„Заштита на биодоиверзитетот е важен критериум на чие исполнување инсистира ЕУ. Пред-пристапната фаза во која се наоѓа Македонија налага што поскоро исполнување на овие обврски“, изјави за Гласот на Америка на македонски министерот за екологија Неџати Јакупи.
Оваа конфереција се оценува како посебно значајна затоа што Балканот е еден од најбогатите региони во Европа според бројот на различните животински видови, но токму државите на Балканот имаат развиено најслаби капацитети за заштита на биодиверзитетот. Учесниците на оваа конфереција признаваат дека капацитетите за набљудување на ретките животински видови се речиси непостоечки. Исто така, финансиските средства кои државите од регионот ги издвојуваат за зачувување на ова биолошко богатсво се многу мали, како и познавањето и капацитетите за заштита на ретките животински видови.
Според експертите, постојат неколку видови на животни кои ги има само во овој регион во Европа, но поради недоволно развиените капацитети се доведени во опасност од истребување. Такви се кафената мечка, балканскиот рис и белоглавиот орел. Со оглед на тоа што овие животни се движат преку коридори кои често обединуваат три, четири, па и пет држави во регионот, регионалната соработка на овој план е од суштинско значење за успехот на акциите кои ќе се преземат за заштита на биолошкото богатство на Балканот.
„Покрај развојот на земјоделието, динамичната изградба на инфраструктурата и ниското ниво на регионалната соработка може да бидат едни од клучните причини за нова загуба на животинските видови, а наедно и удар за еко-системот“, се вели во завршната декларација на собирот во Маврово.