Вчера започна инсталирањето на споменикот официјално познат како „Воин на коњ“ на плоштадот Македонија во центарот на Скопје. Тој во јавноста е попознат како споменик на Александар Македонски, што во една прилика го потврди и градоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ, општината - носител на проектот.
Самата најава за реализацијата на идејата предизвика бурни реакции, како во домашната, така и во меѓународната јавност, а особено во Грција, која во ова гледа обид да се присвои нејзината историја. Препознавајќи го Александар Македонски во ликот на споменикот, портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи Григорис Делавекурас кажа дека тоа претставува политика на прекршување на духот на Привремената спогодба, дека е провокативна, како и дека ги поткопува билатералните односи и наштетува на преговорите под покровителство на ОН.
„Директно е во спротивност на добрососедските односи и ќе има неизбежни последици по евроатлантските перспективи на ПЈРМ. Уште повеќе, овој потег следува по неодамнешните гаранции на политичкото лидерство на ПЈРМ пред ОН и меѓународната заедница дека планираат да работат искрено кон надминување на спорот со името. Грција ќе ги информира своите партнери и сојузници, како и меѓународните организации за оваа провокативна постапка, за која веќе ги предупредивме“, изјави Делавекурас,
Премиерот Никола Груевски и Владата засега без коментар на почетокот на инсталирањето на споменикот. Првиот човек на македонската влада на оваа тема последен пат се изјасни во интервју за српската ТВ-станица Б 92. „Александар Велики е позната личност во светската цивилизација и оценивме дека треба да се направи“, рече Груевски.
Опозиционите партии оценија дека овој потег ќе има политички последици. Социјал-демократите сметаат дека споменикот ќе продолжи да прави поделби меѓу граѓаните според потеклото на антички и словенски. Руфи Османи од НДП, пак, укажа на штетите што Македонија со овој потег ќе ги претрпи на меѓународен план во процесот за изнаоѓање на решение на спорот со Грција.
Поранешиот министер за надворешни работи Денко Малевски мисли дека Македонија си ја комплицира меѓународната позиција со овој потег.
„Со кокетирање, прво со таа идеја на античка Македонија како дел од нашето наследство, а потоа со врзување на нашиот идентитет за тој период од историјата, на која нашиот сосед полага право, се воведовме во едно прилично тежок идентитетски спор“, вели Денко Малевски.
Во анкетите на медиумите - јавноста со поделни мислења. За едни ова е грандиозен прокет, а за други политички проблем.
Споменикот на Александар Македонски ќе биде висок 23 метри, 10 од нив му припаѓаат на постаментот, а 13 на коњаникот. Целиот проект, заедно со фонтаната, се проценува на 9,5 милиони евра.
Споменикот на Александар се изработуваше во леарницата „Маринели“ во Фиренца, Италија.