Норвешки државјанин,советник на шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, е осомничен дека е дел од педофилска мрежа. Полицијата тврди дека во неговиот приватен комјутер биле пронајдени материјали во траење од осум часа со детска порнографија, над 30.000 фотографии со еротски сцени од деца и вкупно 150 гига бајти порнографска содржина.
„Во еден од компјутерите, односно во лап-топот на осомничениот пронајдени се околу 150 гига бајти порнографски материјали во форма на видео записи и фотографии со содржина на детска порнографија, односно порнографски материјали кои визуелно прикажуваат експлицитни полови дејствија со малолетници, како и реални односно немонтирани фотографии кои прикажуваат исто така полови дејствија со малолетници“, изјави Иво Котевски, портпарол на МВР.
Норвешкиот државјанин не е на територијата на Македонија. Пред повеќе од половина месец, непосредно пред полицијата да изврши претрес во неговиот стан, тој побарал да замине на годишен одмор.
МВР објави дека е распишана потерница против него и преку мрежата на Интерпол.
Во тек е проверка на идентитетот на децата кои биле снимани и фотографирани. Според МВР, засега нема индиции дека тие се македонски државјани.
Од Мисијата на ОБСЕ потврдија дека се запознаени со овој случај.
Истрагата сега е насочена кон тоа да утврди дали овој случај е дел од синџир за размена на детска порнографија.