Девојчето што не по своја вина на времето беше бездомничка, сега опслужува стотици гладни во Калифорнија. Таа на своја кожа искусила што значи да се биде сиромашен. Бидејќи родителите и` биле жртви на политичко прогонство, таа израснала на улица, гладна и без дом. Пред повеќе од 25 години успеала да емигрира во САД. Оттогаш помага да се прехранат сиромашните и бездомните во Калифорнија, каде живее во моментов.
Иако потекнува од богато семејство, животот драстично и` се променил кога имала само седум години. 1960-те години беа време на политички и социјални немири во Кина. Нејзиното семејство станало мета на Културната револуција. Мајка и` и нејзините браќа биле притворени и испратени во кампови за физичка работа. Токму затоа Чин завршила на улица во Каи Пинг, Кина.
„Секогаш кога ќе побарав храна, бев тепана“, се сеќава таа. „Токму во тие моменти си реков – кога ќе пораснам, ако се` уште сум жива, ќе готвам многу храна за гладните“.
„По четири години просење“, вели Чин, „онемев и се чувствував како животно“. Со помош на една од сестрите која претходно емигрирала во САД, Чин на 14-годишна возраст успеала да замине за Хонконг, а потоа за САД.
„Никогаш не сум била на училиште“, изјави Чин. „Морав да седам дома, немав друг избор, а најдобри пријатели ми беа ликовите од анимираната детска серија Сесами стрит од кои и научив англиски“.
Постепено гласот на Чин се вратил, таа почнала да зборува, станувајќи составен дел на американското општество. Подоцна се омажила за Леунг Чин, професор на Универзитетот Хамболт. Имаат два сина и живеат во Еурека, град во северна Калифорнија.
Во 1984-та година, другарка на еден од нејзините синови и` се пожалила дека многу често е гладна. Чин почнала да пакува уште по еден сендвич за ручек, наменет за девојчето. Кога дознала дека нејзиното семејство живее во комбе на паркинг во близина, почнала да обезбедува оброци и за нив.
Се сеќава на тоа колку била шокирана кога дознала дека многу луѓе се наоѓаат во иста ситуација. Токму тоа ја навело да ја започне акцијата за обезбедување на храна за бездомните и сиромашните.
„Ќе сторам се` што можам за луѓето да не бидат гладни“, вели Чин.
Таа го користи приходот од својата хонорарна работа за да купи храна што ја товари на камион и ја разнесува до луѓето кои живеат на улица, под мостовите, каде и да ги најде. На почетокот никому не му кажувала со што се занимава, дури ни на својот сопруг. Кога конечно дознал, 10 години подоцна, станал нејзин најголем поддржувач и сега таа обезбедува оброци за околу 500 лица во Еурека.
„Дури и не сметам дека имам непрофитна организација“, вели таа. „Повеќе се чувствувам како нечија мајка. Наутро правам кафе и крофни, а попладне сендвичи и топли оброци. Освен луѓето од улиците или оние кои живеат во своите автомобили, среќавам и многу бездомници кои се ментално нестабилни. Навистина сакам да се погрижам за луѓето на кои им е потребна мојата помош. Доколку не појдам да ги видам, тие едноставно не знаат како да го започнат својот ден“, раскажува Чин.
Иако никогаш не рекламирала што работи, напорите на Чин се забележани и наградени. Во 2008-та ја доби наградата Минерва за успешни жени од Марија Шрајвер, сопругата на гувернерот на Калифорнија Арнолд Шварценегер, во висина од 25.000 долари.
Чин инспирираше и други да се зафатат со гладта и бездомништвото во нејзината општина. Таа додава дека престои уште многу работа.
„Сонувам дека еден ден ќе имам свое место, каде секој ќе може да дојде, да седне и да јаде. Не ми е целта да отворам засолниште, туку тоа би бил своевиден мост за гладните, за да можат да му се вратат во општеството.
Чин е една од 13-те добитници на Бети Кван Чин е добитник на Претседателската награда за граѓани 2010-та - втора по ранг цивилна награда во САД.
Таа е наградена за примерот како една личност може да допре до животите на стотици луѓе, заборавени од остатокот на светот.