Родителите веќе знаеја, но сега и дефинитивно е потврдено со истражување: што повеќе дремка, толку поздрав растеж на доенчињата.
На Универзитетот Емори во Атланта, лекарката Мишел Лемпл е на мисија да помогне во комуникацијата меѓу доенчињата и родителите. Бебињата не можат да кажат што им е на ум. Затоа, комуницираат преку однесување, но родителите често не го препознаваат:
„Мошне е важно да им помогнеме на родителите подобро да го разберат навидум невообичаеното однесување на децата“, вели Лемпл, која раководела со истражувањето за врската меѓу спиењето и растењето.
„Родителите велат дека најголем предизвик е да дознаат што е најдобро за доенчињата, како да се комуницира со нив. Кога доенчињата плачат или се однесуваат необично, тоа прави родителите да се чувствуваат несигурно“, коментира Лемпл.
Следела 23 семејства со новороденчиња во рок од 17 месеци:
„Со конкретна цел: дали има врска меѓу спиењето и растењето? Излезе дека дека - да, колку повеќе спиење - толку повеќе растеж“.
Истражувањето утврдило и разлика и во спиењето на машките од женските доенчиња: првите спијат на подолги периоди, додека вторите додаваат куси дремки на редовното спиење. Се на се`, доенчињата и со спиењето ни кажуваат – што им треба.