Австралискиот авионски превозник Квантас ја приземји целата флота Ербас откако проблем со моторот предизвика еден од овие авиони четвртокот принудно да слета во Сингапур.
Авионот од типот Ербас А-380 – најголемиот патнички авион во светот, мораше да се врати во Сингапур откако еден од неговите четири мотори откажа накусо по полетувањето за Сиднеј. Во инцидентот немало повредени.
Патниците велат дека слушнале голема експлозија, по што забележале како излегува пламен од оштетениот мотор. На фотографиите по слетувањето, моторот е изгорен, а недостасува и дел од поклопецот.
Извршниот директор на Квантас Алан Џојс изјави дека сите летови на компанијата со Ербас А-380 ќе бидат откажани се` додека не се дознаат сите податоци за инцидентот.