Федералната влада тврди дека властите на сојузната Аризона „ја минале уставната линија“ што гарантира дека федералните закони се пред сојузните и дека „крпеница од сојузни и локални политики ќе ги попречи имиграционите закони на федерално ниво“.
Според новиот закон што го донесе Аризона, на полицијата и` е дозволено да легитимира лица за нивниот имиграционен статус доколку се посомнева дека во земјата престојуваат илегално.
Секретарката за домашна безбедност Џенет Наполитано, за Гласот на Америка изјави дека „спроведувањето на законите долж границата и во пограничните сојузни држави е првенствено федерална одговорност“.
Аризона е најширокиот влез за илегалната имиграција во САД, дом на проценети 460.000 лица кои незаконски дошле во земјата.
Поддржувачите на законот, како Колби Меј од невладината организација Американски центар за право и правда, тврдат дека владата не чини доволно да се справи со проблемот.
Меј прашува: „Аризона не се обидува да ја регулира имиграцијата – едноставно усвои закон што го отсликува федералниот што веќе постои 40 години. Тогаш, зошто е владата шокирана?“
Стив Владек. кој предава уставно право на Американскиот универзитет, прогнозира дека судот ќе се повика на првенството на Уставот и ќе пресуди против Аризона.
„Владата го оствари посакуваното – да покрене национална дебата за реформа на имиграционата политика“, вели Владек.
Владата бара судот да го забрани законот што треба да почне да се спроведува подоцна месецов. Обете страни најавуваат дека ќе одат до крај, со што случајот може да заврши во Врховниот суд.