Линкови за пристапност

Мексиканскиот претседател го критикува новиот имиграционен закон во Аризона


Претседателот Калдерон изјави дека дал инструкции мексиканското Министерство за надворешни работи да соработува со правните експерти за одбрана на правата на Мексиканците.

Мексиканскиот претседател Филипе Калдерон го критикуваше новиот контроверзен имиграционен закон во американската југозападна сојузна држава Аризона, велејќи дека отвара врата за нетолеранција, омраза и дискриминација.

Претседателот Калдерон изјави дека дал инструкции мексиканското Министерство за надворешни работи да соработува со правните експерти за одбрана на правата на Мексиканците во релација со мерката што гувернерката на Аризона, Џен Бруер ја потпиша во петокот и со тоа стана закон.

Мексиканскиот лидер додаде дека ќе го потегне прашањето кога наредниот месец ќе го посети Вашингтон при што ќе се сретне со претседателот Барак Обама и американски законодавци.

Според новиот закон, имигрантите во Аризона ќе мораат во секое време со себе да носат документи за идентификација, а полицијата ќе го задржи правото да ги испрашува лицата за кои постои причина за сомневање дека во САД престојуваат илегално.

Противниците на мерката велат дека законот ќе резултира во расно профилирање, зашто полицијата ќе може да се фокусира на луѓе поради нивната расна или етничка припадност. Поддржувачите на планот, пак, сметаат дека тој ќе помогне во напорите за сузбивање на бранот на криминални активности за кои се товарат илегалните имигранти.

XS
SM
MD
LG