Линкови за пристапност

Полицајци од Македонија и Албанија заедно патролираат во Охрид и Струга


Ова е резултат на Договорот за соработка меѓу Министерствата за внатрешни работи на двете држави; Слични патроли има и во албанскиот туристички центар Саранда

Мешани полициски патроли составени од полицајци од Македонија и Албанија, оваа туристичка сезона патролираат во Охрид и Струга. Се грижат за безбедноста на туристите кои од оваа соседна држава одмараат покрај Охридското Езеро.

Албанските полицајци на своите македонски колеги им помагаат и во тековните активности, пред се` во регулирање на сообраќајот. Велат дека ниту различниот јазик кој го зборуваат, ниту различните униформи кои ги носат на себе, не се пречка да соработуваат.

„Туристите се пријатно изненадени од нас. На овој начин се чувствуваат побезбедно и подобро. Ги интересира се`, прашуваат и добиваат различни информации. И во Албанија има туристи кои се од Македонија, а во Македонија има туристи од Албанија. И двете страни се чуствуваат послободно кога ќе видат полицајци од нивната држава“, вели Фатјон Сејтлари, инспектор во полициската станица во Поградец.

Со ова се согласува и портпапролот на полицијата во Охрид, Стефан Димоски:

„Полициските патроли составени од македонски и албански службеници, ќе делуваат пред се` превентивно. Ќе претставуваат дополнителна помош на полициските службеници во делот на јавниот ред и мир“.

Според него, мешаните патроли ќе бидат присутни секаде каде има потреба, централното градско подрачје, периферните делови, но и локалните плажи.

Албанските туристи се едни од најбројните и оваа сезона. Остануваат и по неколку дена и важат за добри потрошувачи. За угостителите ова е добра мерка.

„Тоа покажува една добра воља на нас како охриѓани односно дека ние сме фокусирани кон странските гости. Ова покажува еден заеднички напор за поуспешна сезона“, изјави Михаил Мишев, претседател на здружението на угостители на Охрид.

„Поголемиот дел од гостите се од Албанија. Јас мошне често сум патувал за Албанија и добро би се чувствувал кога би видел некој наш полицаец да ме застане и да ме контролира таму“, изјави Бошко Куциноски, хотелски менаџер.

Полицајците од Албанија во Охрид и Струга ќе престојуваат до крајот на летото.

Истовремено, македонски полицајци се наоѓаат во албанскиот приморски град Саранда, каде заедно со своите албански колеги се грижат за сигурноста на македонските граѓани кои во се` поголем број летните одмори ги поминуваат токму таму.

Слични активности пред четири години во Охрид имаше меѓу полициски службеници од Македонија и Србија. Македонска полиција ова лето има и во Будва, Црна Гора и во Шибеник, Хрватска, онаму каде исто така се присутни туристи од земјава.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG