Холандските власти на аеродромот во Амстердам испрашуваат две лица од јеменско потекло, откако во Холандија пристигнале со лет од САД со сомнителни предмети во багажот.
Лицата се идентификувани како Ахмед Мохамед Насер ал-Суфи и Хезмам ал-Муриси, а се уапсени во неделата навечер откако со лет на Американ ерлајнс од Чигаго, допатувале во Амстердам.
Властите веруваат дека осомничените биле на пробна мисија за терористички напад. Според телевизијата Еј-Би-Си, лицата се обвинети за „подготовка на терористички напад“, но засега нема официјална потврда на оваа информација.
Властите на аеродромот во Бирмингем, сојузната држава Алабама, пронашле мобилни телефони вметнати во пластична амбалажа од лек, како и неколку споени часовници во багажот на ал-Суфи, заедно со готовина од 7.000 долари. Тој бил пуштен на летот за Чикаго, бидејќи не прекршувал никакви закони.
Ал-Суфи и ал-Муриси требало од Чикаго да заминат за Вашингтон, а потоа за Амстердам, но американските власти станале сомничави кога двајцата го смениле планот и се упатиле директно за Амстердам. Американски агенти биле ангажирани на тој лет и двајцата осомничени биле приведени.