Линкови за пристапност

Иницијатива за сеалбански протестен марш на 13-ти јуни

  • Синиша Станковиќ

Движењето „Беса“ бара оставки на Груевски и на Ахмети, но и редефинирање на Македонија и воведување на албанскиот како официјален јазик

Нов договор за „редефинирање на Македонија како заедничка консензуална држава на Албанците и Македонците“ и воведување на „албанскиот јазик како официјален јазик во целата територија на Република Македонија“, се само две од барањата коишто дел од етничките Албанци во Македонија, преку Централниот одбор на движењето „Беса“, и` ги упатија на актуелната власт, но и на пошироката македонска јавност.

Од скопската населба Чаир, на 13-ти јуни, кон Владата на Македонија ќе тргне протестниот марш, најавен дека е во знак на протест за ситуацијата во којашто се наоѓаат Албанците во Македонија. Протестот го иницира движењето „Беса“, а со него ќе се бара неотповиклива оставка на Владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со премиерот Никола Груевски и на коалициониот партнер ДУИ и водачот на оваа партија Али Ахмети поради, како што велат иницијаторите, „партизацијата на државата, злоупотребата на институциите, неуспехот во интегративниот пат и антиалбанскиот пристап, како и за истрага и осуда на сите криминални дела на инкриминираните политичари“.

Според „Беса“, ДУИ и ДПА, поради неуспехот во одбрана на албанската агенда, не се веќе претставници на Албанците од Македонија и немаат веќе мандат да одлучуваат за нив во било какви можни преговори, па затоа движењето ќе бара од лидерот на опозицијата Зоран Заев „да ги објави сите материјали кои се однесуваат на албанските вистини, особено тие што се поврзани со монтираните случаи, како што е случајот „Монструм“ - инаку ќе го сметаме и него како дел од покривање на криминалот“.

Во соопштението на движењето стои и дека маршот ќе има сеалбански карактер, а „Беса“ е само иницијатор којшто „јавно ги повикува албанските политички субјекти, Движењето за реформи во ДПА, Националната демократска преродба и другите невладини организации, но и интелектуалците, уметниците, новинарите и другите јавни личности заедно да формираат Совет за организација на маршот во кој „Беса“ ќе има само еден глас“.

„Беса“ смета дека е историски момент „да ги оставиме зад нас групните, партиските и другите интереси и да се сплотиме во одбрана на албанскиот интерес во Македонија“.

Покрај оставката на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, „Беса“ бара: „правична распределба на буџетот на Република Македонија“; истрага и осуда на сите криминални дела на инкриминираните политичари; ослободување на осудените од случаите „Монструм“, „Сопот“ и „Бродец“; обелоденување на убиството на Харун Алиу и на неговите пријатели; целосно расветлување на случајот „Куманово“, одговорност од авторите и организаторите на тоа сценарио и итно надоместување на предизвиканите штети на албанските населени места.

„Беса“ бара и оставки на вицепремиерот за спроведување на Охридскиот договор и на вицепремиерот за евроинтеграции, поради неспроведувањето на одребите од Рамковниот договор и закочените интеграции во НАТО и ЕУ, оставки на министерот за правда и на јавниот обвинител, поради партизираното судство во Македонија кое „во суштина е антиалбанско“; оставки на министерот за животна средина поради неговиот неуспех во решавање на проблемот со загадениот воздух во Тетово и на министерот за образование поради скандалите во образованието, „како последниот со расизмот кон Албанците во екстерното тестирање“; оставки од министерот за економија, поради тоа што местата населени со Албанци продолжуваат да бидат најсиромашните зони во Македонија, а иселувањето продолжува да биде најголема болка и од претседателот на Собранието на Република Македонија „поради неговиот расистички пристап кон Албанците“.

XS
SM
MD
LG