Линкови за пристапност

Mобилизација за помош на Албанија по земјотресот


Храна, облека, хигиенски пакети, парична и секаква друга помош се собира за настраданите подрачја. Се испраќаат и лекари, пожарникари и техничка опрема

Различен вид на помош испраќаат македонските институции, организации и граѓани во соседна Албанија, каде регионот помеѓу Драч и Тирана го погоди силен земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала. Македонската Влада, на својата последна седница донесе одлука да бидат издвоени шест милиони денари како првична финансиска поддршка за санирање на последиците од земјотресот во Република Албанија.

„Како дополнување на помошта за Албанија, кон оваа земја веќе се упатени и тимови за спасување составени од 30 стручни лица кои ќе учествуваат во акциите за спасување и прва помош за граѓаните во настраданите подрачја. Во оваа првична помош е вклучен и посебен тим со механизација која ќе се ангажира во координираните акции за спасување“, велат од Владата на Северна Македонија.

„Тимови за спасување и компании од струшко-охридскиот регион веќе се испратени да помогнат во Албанија по силниот земјотрес, а лекарски тимови ќе добијат инструкции како треба да делуваат“, рече премиерот Зоран Заев, неколку часа после земјотресот.

Северна Македонија испраќа и пожарникари, противпожарни возила, лекари-специјалисти, возила за итна медицинска помош.

И дел од општините во земјава, се мобилизираа и собираат помош за настраданите подрачја, како финансиска така и техничка.

Градот Скопје, кој што е збратимен град на Тирана испрати една екипа составена од четири пожарникари, а втората екипа составена од двајца коишто ќе вршат снимање на самото место со термален дрон и термални камери, за да се откријат евентуални преживеани во урнатините, како и беспилотно летало кое што ќе врши 3Д мапирање на теренот со цел штетите кои се настанати и оштетувањата на објектите да може да бидат како мапа достапни на спасувачките служби кои што се на самото место.

Од таму најавуваат дека Советот на Град Скопје дополнително ќе одлучува за доделување парична или материјална помош.

Општина Чаир пак одвои 720.000 денари, односно12.000 евра финансиска помош за регионот погоден од земјотресот.

„Исто така, веднаш штом слушнаа за нашата институционална мобилизација, на нашата хуманитарна иницијатива за обезбедување на помошни материјали ѝ се придружија и многу домашни компании. По обезбедената финансиска помош од 720.000 денари, комплетирано е првото комбе со материјали од типот: ќебиња, медикаменти, прехрамбени пакети, хигиенски средства и средства за интервенција на терен“, вели градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Отворени се и телефонски броеви за донации, како и бројот на жиро сметка на Фондот за солидарност, каде што граѓаните можат да уплатат парични средства.


Црвениот крст на Северна Македонија се приклучи на конвојот составен од Дирекцијата за заштита и спасување на Република Северна Македонија, МВР и Противпожарната бригада.

Црвениот крст донесе одлука од сопствените резерви да додели првична помош во висина од 10.000 евра, како и материјално-хуманитарна помош, која се состои во 500 вреќи за спиење, 1000 ќебиња, 50 монтажни кревети, 100 пакети за храна и 100 пакети за хигиена.

Отворени се и телефонски броеви за донации, како и бројот на жиро сметка на Фондот за солидарност, каде што граѓаните можат да уплатат парични средства. Исто така од Црвениот крст информираат дека биле понудени тимови за одговор, при катастрофи од Црвениот крст на Република Северна Македонија, за помош и поддршка на Црвениот крст на Албанија во справување со последиците од земјотресот.

„Црвениот крст ја следи состојбата на терен и е во постојан контакт со Меѓународната Федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина, Црвениот крст на Албанија и владините институции со цел утврдување на приоритетните потреби на терен и организирање на хуманитарен одговор“, велат од Црвен крст.

И дел од политичките партии во земјава собираат помош за погодените подрачја, дел веќе ги испраќаат до крајната дестинација.

Според последните информации, најмалку дваесет и еден граѓанин загинале во силниот земјотрес, но оти бројот ќе расте, а неколку стотина се повредени. Се претпоставува дека тој број ќе расте, како резултат на расчистувањето на урнатините на објектите. Инаку, најсилниот потрес се случи во 3 часот и 50 минути со јачина од 6,4 степени според Рихтер, во Тумане, 10 км северно од Драч. По него беа регистрирани десеттина други со јачина од 5,4 степени. Беа срушени и станбени објекти, како и еден хотел во Драч. Повеќе од 600 лица досега побарале лекарска интервенција, од кои девет биле во критична сосотјба. Земјотресот беше почувствуван и во Северна Македонија, но и насекаде низ регионот како и во Италија, Хрватска и БиХ.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG