Првиот човек на американската армија, морнаричкиот адмирал Мајк Мулен го критикуваше објавувањето на илјадниците тајни документи за последните шест години од војната во Авганистан под водство на САД.
Началникот на здружениот генералштаб истакна дека бил „шокиран“ за неавторизираното обелоденување на информациите, со што американските трупи, според него, се ставаат во ризик.
Во документите, објавени во неделата преку веб-страницата на „ВикиЛикс“, се наведува дека Пакистанската разузнавачка служба поддржува одредени бунтовнички групи активни во Авганистан. Мулен истакна дека „еден клучен аспект“ од претходната и актуелната стратегија, е подобрување на односите со Пакистан за тамошните власти да можат да се справат со Ал Каида и слични групи.
Адмиралот за овие две ипол години додека е на функцијата, го посетил Пакистан 19 пати. Тој подвлече дека Пакистанската разузнавачка служба „мора стратешки да го промени својот курс“, но не издвои никакви промени.