Artfully Chocolate - Kingsbury Confections (АЦКЦ) е несекојдневна продавница во главниот град на САД. Косопственикот Ерик Нилсон, поранешен успешен лобист во телекомуникационата индустрија, воедно е и уметник. Неговиот уникатен начин на сликање со акрилни бои е изложен во продавницата и вели дека продажбата му оди одлично. Бизнисот е комбинација на неговата страст за уметност и посветеноста на деловниот партнер Роб Кингсбури за креирање на чоколадни производи што буквално се топат во устата.
Какаото се служи во 15 различни вкусови, а карактеристично е што секој од нив е олицетворение на одредена холивудска актерка, нејзин изглед или карактерни особини. Пијалоците ги носат имињата на тие звезди. На пример „Мерлин Монро“ е направен од бело чоколадо заради нејзината боја на коса. Какаото „Елизабет Тејлор“ е со вкус на лавандер заради, како што вели Ерик, потсетува на нејзината боја на очите.
„Продавницата нуди своевидно екстравагантно чувство, затоа сакавме и какаото да биде во тој стил, дел од шармот на барот да се поврзе со нешто ектравагантно, како театарот и филмот“, вели тој.
Концептот на какао-бар е популарен во метрополите како Њујорк, Париз и Мадрид, а кога била отворенa во 2007-ма, АЦКЦ била прва ваква локација во Вашингтон. Ерик и Роб во меѓувреме отвориле уште една продавница во Александрија, во близнината на Вашингтон. Идејата е во префинетоста, раскажуваат тие, посетителите да ги дегустираат напитоците, истовремено задлабочени во своите мисли.
Роб и Ерик нудат и совети за тоа кој вид на вино најдобро се совпаѓа со разни видови на чоколада. Специјалност на Роб е чоколадото во сите форми, што го увезува од Белгија, Швајцарија и Франција, а дел од Еквадор и Венецуела.
„Правиме околу 25 различни вкусови на чоколадни бомбони месечно. Најпопуларните се секогаш исти, а другите ги менуваме постојано. Летно време доминира комбинацијата со овошје, наесен атрактивен е циметот на пример, а планираме да воведеме и сладок компир. Освен бомбоните, нудиме 60-тина различни видови на слатки. На инспирацијата и` нема крај“, вели Роб.
Иновациите во продавницата продолжуваат - сопствениците започнаа да нудат и часови за креирање на слатките задоволства.