Линкови за пристапност

Избори на 5-ти јуни!


Избори на 5-ти јуни!
Избори на 5-ти јуни!

Лидерите на двете најмоќни партии веќе почнаа да се однесуваат како кампањата да е во полн ек

„Согласно со Уставот и законите и согласно предвидената динамика и рокови, ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи до парламентот предвремените парламентарни избори во Република Македонија да се одржат на 5-ти јуни 2011“, изјави премиерот Никола Груевски, со што стави крај на неизвесноста на македонската политичка сцена околу предвремените избори која со недели наназад ја засилуваа неуспешните лидерски средби и преговори околу евентуалниот термин и условите за нивно одржување.

Лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ одлуката ја донесе по јавниот настап на опозициониот челник Бранко Црвенковски, кој се откажа од сите досегашни барања и предуслови за излегување на избори.

„Господине Груевски, донесете каков сакате Изборен закон. Направете каков сакате избирачки список. Потрошете од буџетот колку сакате за ваше рекламирање по медиуми. Само соопштете го денот на избори и ние сме тука“, изјави лидерот на СДСМ.

Одлуката за избори ја донел Извршниот одбор на партијата, кој, според медумските извештаи кои цитираат неименувани извори од партиското раководство, проценил дека „секој ден повеќе со Груевски на власт е огромна загуба за државата“.

Груевски им се закани на евентуалните нарушители на изборниот процес, потенцирајќи: „Сакам нешто да му порачам на господинот Црвенковски, но и на сите оние што мислат дека постојат и други опции освен фер, слободни и демократски избори, дека Македонија нема друга алтернатива освен чекорење напред, дека фер, слободни и демократски избори ќе има, а оние што сакаат да го нарушат тоа ќе бидат жестоко казнети од институциите на системот“.

СДСМ, пак, предупреди дека и опозицијата ќе се спротивстави на секој вид изборно насилство, притисоци и фалсификат.

„Вие со вашиот закон, со вашиот избирачки список, со вашите медиуми, со вашите 220 милиони евра за купување на гласови на едната страна и ние со народот на другата страна. И ќе ве победиме! Со силата на народот ќе ве победиме!“, му порача Црвенковски на својот политички противник.

Премиерот Груевски - веднаш со контрапорака: „Не си убедлив Бранко, не си убедлив. Можеш да ги натераш или пак да ги уцениш дел од твоите членови да ти скандираат, да веат знамиња, да ти аплаудираат, да свират со коли по улици за да ти го чуваат стравот и да те охрабрат да се чувствуваш посигурно, но можеш ли да ги натерапш да веруваат во тебе? Зошто беа потребни четири месеци на гнев, омраза и деструкција, за ти после толку време да речеш пу, пу не важи. Неодговорно е ова, Бранко. Јас, ама и ти, Бранко, многу добро знаеме дека граѓаните на овие избори ќе изберат напредок, наместо транзиција“, изјави Груевски.

Црвенковски на синоќешното гостувањена ТВ А1 изјави дека „овој народ мора да знае каде се движи, каде оди оваа земја, да знае дека таму ќе стигне“ и дека за СДСМ е поважно „да ги нахраниме гладните, отколку да правиме скулптури, да ги излечиме болните, отколку да поставуваме споменици, да ги школуваме и вработиме младите, отколку да градиме музеи и многу клучно прашање, да ја отвориме и зацврстиме, да стане јасна и недвосмислена европската иднина и перспектива на оваа земја“.

Неговиот опонент Груевски пак, тврди дека „откако Бранко виде дека коалицијата на власт и покрај неговите уцени, блефови и деструктивни однесувања и покрај сите негови закани за египетски и туниски сценарија, одлучи дури и без него да оди на избори, сфаќајќи дека неговата политика нема перспектива, тој во негов препознатлив стил целосниот пораз и дебакл на неговите политики и однесување се обиде да ги претстави како победа“.

Иако се очекува мошне брзо Собранието да се распушти, откако пратениците треба да го изберат претседателот на ДИК и ќе ги донесат измените на Изборниот законик, и иако и од СДСМ најавија дека на партискиот конгрес што ќе се одржи 30 дена пред датумот за избори, ќе го облоденат името на нивниот кандидат за мандатар на новата влада и кандидатите за најважните министерства, лидерите на двете најмоќни партии веќе почнаа да се однесуваат како кампањата да е во полн ек.

А, какви се` средства ќе се користат во претстојната кампања, може да се претпостави и според денешните наводни афери, објавени во агенциска вест и на Интернет-портал. Според агенцијата Нетпрес, „за самит кој траел нецели 48 часа, кабинетот на експретседателот Бранко Црвенковски платил над 530 илјади евра на фирмата „Пристоп МК“, а според порталот Буревесник, цитиран во дел од медиумите, поранешниот премиер Љубчо Георгиевски и неговата сопруга Снежана, преку фирма во која сопругата била косопственик, наводно биле поврзани со актерите на шверцот со цигари на Балканот.

XS
SM
MD
LG