Линкови за пристапност

ВМРО-ДПМНЕ го поднесе законот за амнестија за 27 април


Опозицијата му предлага на Собранието амнестија за сите осомничени, обвинети или осудени за насилствата во Собранието; Владечаката СДСМ најави дека нема да го поддржи

СКОПЈЕ – Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го достави до Собранието најавуваниот Предлог закон за амнестија кој треба да ги опфати сите лице кои се осомничени, обвинети или осудени за кривични дела поврзани со настаните од 27 април и насилствата во Собранието на РМ. Од опозицијата соопштија дека бараат законот да се донесе по скратена постапка и дека очекуваат поддршка од сите парламентарни партии. Според ВМРО-ДПМНЕ, овој предлог закон е подадена рака за помирување и сега е на потег СДСМ да покаже дека стои зад она што го говори.

„Предлог законот е поднесен по скратена постапка и очекуваме пратениците од власта конструктивно да учествуваат во дебатата и да покажат дека не станува збор за лажно ветување за правда и национално помирување кое самите ќе го демантираат неколку дена откако беше споменато“, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, Драган Данев.

Во предлог законот се предвидува и бришење на осудата на лицата осудени заклучно со денот на влегување во сила на овој закон.

„Предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ обезбедува правда за сите, вистинско национално помирување, наместо селективност и поделби во општеството кои ги нуди СДСМ. Целта е национално помирување и враќање на нормалните текови во државата“, додаде Данев.

За ВМРО-ДПМНЕ неприфаќањето на законот ќе значи дека Владата се залага за селективна правда и како пример ги посочија дел од пратениците кои како обвинети за настаните од 27 април гласаа за потребата од уставни измени.

Од СДСМ веднаш најавија дека овој предлог закон нема да ја добие поддршката од нивните пратеници.

„Нашиот став по однос на предлог Законот за амнестија поднесен од антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ е сосема јасен. Нема да дозволиме брутален упад прифаќајќи го овој закон во правосудството. Македонија е правна држава и тој принцип имаме обврска да го почитуваме. Точно знаеме што се крие зад предлог законот ... на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е амнестија на криминалите на режимот на Никола Груевски. Тоа не смееме и нема да го дозволиме“, стои во соопштението на партијата.

Премиерот Заев, пак, на новинарско прашање одговори дека барањето за амнестија е неприфатливо, а помирувањето ќе се одвива преку Собранието.

Од опозицијата реплицираа дека се без официјален став околу најавеното формирање комисија за помирување која ја предложија токму пратениците кои гласаа за почеток на уставни измени, кои беа исклучени од партијата и сега формираа нова пратеничка група.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG