Линкови за пристапност

Почна судскиот процес за „Крвавиот четврток“


Планиран е распит на 36 сведоци, но нарачателот на упадот и насилствата се` уште непознат

СКОПЈЕ - „На 27 април обвинетите извршиле насилен напад врз една од најважните институции – Собранието. Обвинителството ќе докаже дека нападот не бил резултат на зовриени емоции кои еруптирале, туку е организиран и спроведен од обвинетите. Полицајците се поставиле на нивна страна, а пратениците знаеле каков хаос ќе предизвикаат со отварањето на вратите“ , рече во воведното обраќање, обвинителката Вилма Русковска на денешниот старт на судскиот процес за настаните познати во јавноста како „крвавиот четврток“.

По неколку часа правни надмудрувања околу записниците со изјави на сведоци и докази меѓу адвокатите од одбраната и претставниците на Обвинителството, обвинителките Вилма Русковска и Гордана Смаќовска, судијката Добрила Кацарска јасно стави до знаење дека нема намера да го одложи стартот на процесот.

Trial for riots in the Parliament protesters outside
Trial for riots in the Parliament protesters outside

Во своето обраќање обвинителката Русковска ги посочи Александар Василевски - Нинџа и Никола Митревски - Кољо како организатори на упадот во Собранието. Таа кажа дека имаат докази со кои ќе потврдат дека на 27 април функционирале четири групи кои имале „централни фигури“. Првата група ја сочинувале 68 маскирани лица кои биле мобилизирани од Василевски и Митревски. Втората група биле полициските службеници кои не реагирале и се ставиле на страна на напаѓачите, а тука се и докази дека намерно било одолговлекувано со интервенција на специјалните единици. Третата група се пратениците кои ги отворија вратите од Собранието и го овозможија упадот во законодавeн точно знаејќи што тоа ќе предизвика. Последната, четврта група се организаторите на протестите кои со своите говори и реторика ја подгревале атмосферата, ги подготвувале демонстрантите за упад во Парламентот и на крајот ги повеле внатре.

„ Дејствијата на сите обвинети се прецизно опишани и судот ќе ги види. Според исказите на сведоците обвинетиот Игор Југ имал задача физички да го ликвидира Зоран Заев“, кажа обвинителката Русковска.

Таа додаде дека во текот на процесот ќе дадат изјави 36 сведоци, ќе бидат изведени многу материјални докази како и снимки од видео надзор во Собранието, снимки од мобилни телефони, од телевизиските камери и од Градскиот трговски центар.

Пред судот воведен збор дадоа и адвокати на петмина од обвинетите кои го отфрлија обвинението против своите клиенти тврдејќи дека се невини и дека во никој случај не се терористи.

Така адвокатот на Крсто Мукоски изјави дека неговиот клиент не знаел со која намера луѓето се влезени во Парламентот.

„Нема двострана комуникација, нема ниту наредба за преземање дејства. Според тоа, не може да стане збор за умисла со која е сторено кривичното дело што му се става на товар на мојот клиент“, рече адвокатот на Мукоски.

Адвокатот на пратеникот Сашо Василевски, дополни дека неговиот клиент не знаел што се случувало, бидеји не контактирал со никој од лицата кои биле надвор пред Собранието.

Sobranie riots trial
Sobranie riots trial

И по првото рочиште сеуште не е познато кој е нарачателот на упадот и насилствата во Собранието. Иако во обвинението стои дека координацијата почнала со телефонскиот разговор меѓу телохранителот на тогашниот премиер Груевски, Благоја Василевски и неговиот брат Александар Василевски - Нинџа. Сепак,тој не е на обвинителната клупа.

„Кога ќе имаме цврсти докази и за нарачетелите и организаторите и тие ќе бидат обвинети. Досега се обвинети само лица против кои имаме цврсти докази“, изјави обвинителката Русковска.

Таа нагласи дека Обвинителството продолжува со предистражната постапка и собира докази за други лица за кои сметаат дека се одговорни за настаните од 27 април.

„Кога ќе имаме цврсти докази и за нарачетелите и организаторите и тие ќе бидат обвинети. Досега се обвинети само лица против кои имаме цврсти докази“
изјави обвинителката Русковска.

На обвинителната клупа се наоѓаат вкупно 33 лица кои се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста а двајца од нив, службеници во УБК кои се обидоа да ги уништат записите од безбедносните камери во Собранието одговараат за помагање.

Меѓу обвинетите, покрај пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски се и нивните колеги Јохан Тарчуловски, Љубен Арнадуов и Љупчо Димовски, поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и организаторите на протестите за „За заедничка Македонија“, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Богдан Илиевски и Борис Дамовски. Единаесет од нив се во притвор, а тринаесет во куќен.

Помала група на граѓани утрово се собра пред зградата на судот за да им даде поддршка на обвинетите.

Судијата Кацарска ги закажа термините за наредните триесет и седум рочишта. Судскиот процес продолжува утре.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG