Последните информации се дека Македонија ќе добие покана за прием во НАТО в среда, на првиот ден од претстојниот Самит на Алијансата во Брисел. Ова денеска го порача НАТО-двоецот, министерката за одбрана Шеќеринска и националниот координатор за Алијансата, Стево Пендаровски.
На брифингот одржан пред заминувањето на владината делегација за Брисел беше потврдено дека според последниот драфт, земјава, задутре ќе биде на дневен ред на шефовите на држави и влади на 29-те земји-членки на НАТО.
Поканата за старт на т.н. пристапни преговори ќе ја упати Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, таа ќе стигне или во владата или во МНР. ,,Ќе следат куси разговори за правни и воени точки, по што ќе има потпишување на протоколот за пристапување кон Вашингтонскиот договор, основачкиот документ на НАТО. Потоа ќе следи фазата на ратификација на секоја од земјите-членки“, рече Пендаровски. Оваа фаза, според очекувањата не би требало да трае повеќе од година ипол.
Со стартот на процесот на ратификација Македонија ќе седи на сите НАТО-собири како де факто членка, но без право на глас. Полноправното членство ќе следи откако во Стејт департментот ќе бидат депонирани сите ратификации.
Но, истовремено, ефектуирањето на поканата ќе зависи и од тоа дали Македонија ќе ги исполни обврските преземени со Договорот од Преспа, како што се уставните измени, нешто на што се противи и актуелната опозиција и шефот на државата кој одбива да го потпише указот за договорот за името. ,,Имаме шанса да ја поправиме грешката од 2008, но тоа не значи дека не спасува од правење нови грешки по 11 и 12 јули. Наша цел не е да добиеме покана за НАТО и да застанеме, туку да добиеме покана и на брз начин да станеме членка . Тоа, ќе зависи од владата, но и од опозицијата, и од граѓаните кои ќе го имаат конечниот збор,, - изјави Шеќеринска на брифингот. Затоа, таа во пресрет на Самитот, што треба да донесе историска одлука за Македонија, ги повика сите политички фактори во земјата да не дозволат вторпат да се добие шансата што државата ја доби.
Facebook Forum