Линкови за пристапност

Жената сè уште треба да се докажува многу повеќе од мажот


„Се` додека зборуваме за нарушени права, за платформи и стратегии за родова еднаквост, за наметнати квоти за присутност на жената во политиката, значи имаме проблем на родова дискриминација“, вели Анета Додевска, новинарка со над дведецениска телевизиска кариера

„Сметам дека формално, преку законите, Македонија важи за земја во која постои родова еднаквост, но бариерите и саботажите на оваа декларативна заложба, се случуваат во реалноста. Никако не сакам да звучам феминистички. Ниту патетично! Прашањето за родовата еднаквост во 21 век е принципиелно. Полот, односно родот, не е предиспозиција за успешност или за неуспешност“, изјави во разговорот за Гласот на Америка на македонски јазик, Анета Додевска, уредничка во ТВ 24.

Додевска беше една од десетте дами кои Амбасадата на САД во Скопје, ги селектираше како десет најуспешни жени во Македонија, кои, секоја во својата професија, со својата формула за успех, и секоја на свој начин, ги уриваат стереотипите за поделбата на машки и женски професии.

„Во Македонија сè уште доминираат стереотипите. Тоа го покажуваат и статистиките. На менаџерски позиции имаме исклучително мал процент на жени, на исти работни позиции, сè уште се повисоки платите за мажите, а пониски за жените... На последните локални избори избрани се само четири градоначалнички... Сето ова ја отвора дилемата: дали жените се ‘некадарни’, или нешто не е во ред со системот?“, ни` изјави Додевска.

Таа потенцира дека не треба да постојат разлики ни во ангажманот, ни во наградите за успешно завршената работа, меѓу жените и мажите во Македонија..

Меѓу десетте најуспешни жени, во изборот на амбасадата на САД, според медиумите, годинава покрај Додевска, се најдоа: Сузана Јошевска, Тања Томиќ, , Лаура Браун, Нина Митева, Маја Антеска, Мерал Мусли-Тајроска, Ружица Антиќ, Емел Туна и Сабина Смаиловиќ, чии приказни за успешните кариери, се инспирација и поттик и за другите припаднички на поубавиот пол.

Во разговорот за Гласот на Америка на македонски јазик, Додевска потенцира дека жените во Македонија покажале и докажале дека нема машки професии, и дека секој едуциран и способен професионалец, има право на успех, без разлика на полот.

„Во многу ‘машки’ професии, жената покажа дека е способна да се носи со сите проблеми, притисоци, ризици... Но, дали го доби заслуженото место и еднаквиот третман со „посилниот пол’, е друго прашање. Во новинарството сум повеќе од 20 години, директно не сум била изложена на родова дискриминација, но индиректно, имало сигнали на резерва кон мојата работа. За жал, жената сè уште треба да се докажува многу повеќе од мажот, да вложува поголем труд за да покаже дека може, умее и сака... Правејќи компромис со приватноста (но, често, и повеќе на штета на приватниот живот) заедно со упорноста, истрајноста, амбицијата, знаењето..., се одржав во новинарството. И планирам, и понатаму да останам лојална на мојата професионална определба“, децидна е Додевска.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG