Линкови за пристапност

Перформанс за права на сексуалните работнички


Меѓународниот ден за борба против насилство врз сексуалните работнички вечерва во Скопје е одблежан со уметничката инсталација „Скопје ред лајт дистрикт“

Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-стар“, вечерва и утре го одбележува Меѓународниот ден за борба против насилството врз сексуалните работници. И додека утрешната „Парада на црвените чадори“, по централната скопска улица „Македонија“, која ќе се одвива под мотото „Стоп на насилството врз сексуалните работници!“, е веќе традиционална, вечерашниот перформанс беше за првпат изведен во Скопје.

Провокативно облечени девојки зад излози на објект в центарот на градот, танцуваа и на скопјани симболично им „нудеа„ сексуални услуги. Секоја од девојките зад „својот“ излог имаше настап, според примерот на сексуалните работнички од борделите на „Улицата на црвените фенери“ во Амстердам, како симбол на тамошниот толерантен став кон нив.

Целта на уметничката инсталација беше да се потенцира дека и покрај недоволната информираност на патријархалниот дел од јавноста, во Македонија има голем број сексуални работници, кои се главно стигматизирани од околината и се кријат, како и дека мора јавно да се зборува за нивната положба и за случаите кога се жртви на насилство што ретко се пријавува. Според активистите за права на сексуалните работнички, медиумските податоци за три до пет илјади сексуални работници во Македонија не се точни и нивната бројка е многу поголема

Идејата на Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-стар беше преку уметнички перформанс да се провери и ставот на скопјани за „девојките во излог“, но и да се отвори дебата во јавноста, особено поради тоа што, според иницијаторите, сексуалните работници неретко се жртви на насилство не само од клиентите, туку и од полицијата

Утре, по десетти јубилеен пат, Скопје повторно ќе се вклучи во глобалното одбележување на Меѓународниот ден за борба против насилство врз сексуалните работници, со парадата на која сексуалните работници и нивните поддржувачи заедно ќе маршираат за нивните права.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG