Се` поинтензивни се посетите на врвни дипломати на Македонија кои се во мисија да помогнат земјата да излезе од политичкиот ќорсокак. Денеска во Скопје се Генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер и специјалниот германски пратеник за Југоисточна Европа Кристијан Хелбах.
Берлин не ја крие својата загриженост за ситуацијата во земјата – пак повика на потребата од брзо формирање реформска влада која ќе ја врати Македонија на евроатлантскиот пат.
„Убеден сум дека претседателот ќе покаже мудрост да ги почитува резултатите од неодамнешните избори и ќе му дозволи на мнозинството во Парламентот да формира влада што е можно поскоро. Парламентот мора да биде способен по оваа долготрајна криза да ја преземе својата работа со цел да се посвети на итните прашања со кои се соочува. Ги повикуваме сите партии да дејствуваат одговорно за да се избегнат потенцијални тензии“.
На средбите со политичките лидери Хелбах ја пренел загриженоста за негативната реторика кон цивилниот сектор, но и кон меѓународната заедница и ги повикал партиите да се воздржат од какви било потпалувачки чекори.
„Германија стои зад сите реформски сили што се залагаат за мирен трансфер на власта“, кажа Али Ахмети од ДУИ.
Претседателот на Беса, Билал Касами коментираше: „Би сакал и другите политички партии да решаваат во интерес на сите граѓани и ги охрабруваме да ги стишаат тензиите“.
Зијадин Села, од ДП-ДПА, предупредува: „Ако целта е да се направи анархија со ваквите одлуки, тогаш граѓаните тоа не смеат да го дозволат“.
Безмалку идентични пораки прати и Генералниот секретар на ОБСЕ, кој исто така се сретна со државниот врв и со лидерите - изразил загриженост за меѓуетничките тензии и апелирал за конструктивни чекори за надминување на кризата.