Бројни македонски и албански граѓански организации со години работат на заеднички проекти. Јазикот, велат, не е пречка да го прават тоа.
„Граѓанскиот сектор е поотворен за меѓуетничка соработка бидејќи доаѓаат со богат багаж на искуство. Нормално јазикот во овие заедници не е многу голем проблем, бидејќи Албанците го знаат македонскиот јазик многу добро, а Македонците до некаде го разбираат албанскиот, но не го зборуваат. Затоа во нашите активности се трудиме да ги надминеме овие бариери. Вообичаено комуницираме на македонски, но не ја исклучуваме можноста за двојазичност, односно и на албански јазик“, вели Ардита Истрефи Иљази од невладината организација „Креативни и активни“.
„Јазикот никогаш не претставувал проблем. Сите наши активности се одвиваат двојазично, како на македонски јазик, така и на албански. Проектите се спроведуваат и на македонски и албански јазик,“ вели Катерина Талеска Скепароска од Центарот на заедниците на општина Струга.
Во работата на некои од граѓанските организации се вклучени и Македонци и Албанци.
„Верувам дека во градовите каде има различни етнички заедници, жителите имаат повеќе предиспозиции да го знаат јазикот на другиот. Секако дека е добро секој да знае уште еден, втор или трет јазик“, вели Истрефи Иљази.
„Знаењето на еден јазик претставува проширување на хоризонтите на еден човек“, вели Талеска.
Во време кога во Македонија се наметнува прашањето за двојазичноста, за граѓаните на Струга познавањето на јазикот на соседот не е проблем.
„Тоа не пречи ништо. Не знам зошто политичарите го одолговлекуваат ова и собираат поени“, вели жител на Струга.
„Јас работев како медицинска сестра и одевме по селата каде што имаше албанска популација и се чувствуваше потреба да знаеш барем малку, да комуницираш со децата“, вели жителка на Струга.
Во Струга и денес функционира двојазичноста. Во речиси сите институции на локално и државно ниво покрај на македонски се зборува и на албански јазик. Тоа е така по донесувањето на законот за употреба на јазиците што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Македонија во единиците на локална самоуправа.
Заеднички проекти за подобро разбирање меѓу младите Албанци и Македонци, се реализираат и во струшките училишта. Многу од нив веќе даваат резултати.
Од невладината организација „Креативни и активни“ заедно со колеги Македонци во моментот го спроведуваат проектот „Деценија на припадност - славење на различностите“, кој има за цел придонесување во подобрувањето на меѓуетничките односи во регионот. Во тек е реализацијата на различни активности како списание за млади, летен мултикултурен фестивал, мешан регионален хор и други активности.