Линкови за пристапност

Претседавачот на ОБСЕ, Курц во посета на Македонија


Изутрина, делегацијата ќе замине на македонско-српската граница и ќе го посети Прифатниот центар Табановце

Себастијан Курц, министер за Европа, интеграции и надворешни работи на Австрија во својство на претседавач на ОБСЕ, денеска, придружуван од австриската амбасадорка во Македонија, Ренате Коблер , осумчлена делегација од австриското МНР и група австрски новинари, е во работна посета на Македонија.

Попладнево, Курц во Гевгелија се сретна со македонскиот министер за надворешни работи на Македонија Никола Попоски, со кого заедно ја посетија Котата 59 (граничниот камен на самата меѓународна пруга, на македонско-грчката граница) покрај која, во текот на 2015 и 2016, стотици илјади бегалци и мигранти од Сирија, Ирак, Авганистан и други земји, од Грција влегоа во Македонија, на нивниот пат кон државите од Западна Европа.

На самиот граничен премин, министерот Курц разговараше со четворица претставници на контингентот австриски полицајци, кои се дел од мултинационалните полициски сили (од Австрија, Чешка, Полска, Словачка, Унгарија, Словенија, Србија, Хрватска) што покрај македонските и грчките безбедносни сили, ја контролираат македонско-грчката граница и ја држат затворена некогашната „Балканска мигрантска рута“. Курц на претставниците на ОБСЕ и на македонските полицајци им поставуваше прашања за ситуацијата на границата, за обидите за илегално поминување на границата пеш или во товарните возови, како и за соработката на претставниците на меѓународните полициски сили.

До посетата на Курц доаѓа по одлуката на министрите на 15 европски земји, минатата недела во Виена, до април да подготват нови планови и мерки, со кои мигрантската рута од Грција кон ЕУ, која води преку Македонија и понатаму ќе остане затворена.

Додека гостинот Курц даваше изјава на австриската телевизија, неговиот домаќин Попоски на дел од новинарите на македонските медиуми им изјави дека Македонија, имаше важна улога за спречување на нелегалната миграција кон државите на ЕУ како и дека „соработката остварена со повеќе членки на ЕУ, вклучително и со Австрија, беше момент што ѝ овозможи и на Грција да ги заштити на подобар начин своите граници“, со што, според него, е спотигнат успех во „спречувањето на неконтролираниот бран на нелегална миграција кој минуваше преку Балканот“.

Делегацијата на чело со Курц, придружувана и од домаќинот Попоски, според планот ќе ги посети и реката Конска, каде во април минатата година, се удавија тројца илегални мигранти при обид да влезат во Македонија и набљудувачкото место Караорма, за презентација на термалните камери за контрола на илегалните премини.

Доцна попладнево, министрите Попоски и Курц ќе имаа средба во четири очи во македонското МНР, по која ќе дадат изјави за јавноста. Австриската делегација вечерва ќе го посети и Музејот на холокаустот во Скопје, а во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, домаќинот Попоски и гостинот од Австрија ќе учествуваат и на дебата за младите и отпорот против насилниот екстремизам.

Утре изутрина, делегацијата ќе замине на македонско-српската граница и ќе го посети Прифатниот центар Табановце, ќе има брифинг на меѓуграничниот простор за сосотјбата со бегалците, од каде ќе замине за Белград.

XS
SM
MD
LG