Линкови за пристапност

Се продлабочува расколот во Сојузот на синдикатите


Полициски кордон пред влезот на „Работничкиот дом“ денес го заштитува сменетиот претседател на ССМ и не им дозволуваа на дел од претставниците на четири гранкови синдикати да влезат во своите простории

Членовите на гранските синдикати УПОЗ, СИЕР, СУТКОЗ и АГРО, кои тврдат дека се нелегитимно исклучени од Сојузот на синдикатите на Македонија и дека легитимно е сменет дотогашниот лидер на Сојузот Живко Митревски, денес се собраа пред зградата на Работничкиот дом каде се наоѓаат и нивните простории, како и седиштето на ССМ, за да протестираат против останувањето на функција и постапките, на,според нив, разрешениот лидер Митревски.

Тие беа спречени од полициски кордон пред објектот да влезат во своите работни простории, а покрај зградата имаше и борни коли и припадници на специјалните единици, но сепак, продолжија со обвинувањата против, според нив, нелегитимниот претседател Митревски. Него го обвинуваат за соработка со актуелната власт, за дејствување против синдикалните интереси и за „продажба на интересите на работниците“. Револтираните синдикалци накратко ја блокираа и крстосницата пред Собранието, но, според Митревски, кој како лидер, и ги исклучи четирите гранкови синдикати од членството во ССМ, нивните претставници токму поради тоа, веќе немаат право да влезат во зградата.

Претставниците на четирите синдикални организации беа неколку дена во просториите вообјектот на ССМ, откако со гласање го разрешија Митревски од должноста, наводно да го спречат забошотувањетона криминалот. Но, најпрвин, Централниот регистар не го запиша новото раководство и покрај решението од тогашната министерката за труд и социјала, Фросина Ременски од СДСМ, а новиот, постизборен министер од ДУИ, Ибрахим Ибрахими го поништи нејзиното решение. Потоа, за време на Божиќните празници, во зградата дошло и до директна конфронтација меѓу двете спротивставени групи. Во петокот, во пет часот наутро, според медиумите, приватно ангажирано агенциско обезбедување од Митревски, насилно влегло во просториите на Синдикатот и ги избркало претставниците на гранковите синдикати, од кои дел побарале и лекарска помош во болница. Меѓу нив бил и новоизбраниот в.д претседател на ССМ, Дарко Димовски.

„Митревски со група од 40-тина рекетари, насилнички упадна во зградата на ССМ исфрлајќи ги работниците кои ја бранеа од неговото самовластие и криминали и со умисла повредија дел од работниците меѓу кои и в.д. претседателот на ССМ Димовски. Со тоа власта и рекетарите му овозможија на Митревски, непречено да ја реализира својата болна идеја, да се ослободи од синдикатите кои му даваат отпор“, реагираа во соопштението, четирите гранкови синдикати.

Тие ги повикаа „членовите на синдикатите, работниците и граѓаните кои се подготвени да ни дадат поддршка да дојдат пред зградата на ССМ и да му кажат збогум на Митревски, да му покажат дека местото му е надвор од ССМ и дека власта нема да може уште долго да го држи на апарати и вештачки да го одржува во живот“.

XS
SM
MD
LG