Линкови за пристапност

Студентите не попуштаат, нови протести низ Македонија


Студентските протести ја разбрануваа и политичката и медиуската сцена

Според примерот на скопските студенти, и нивните колеги од Штип формираа група на социјалните мрежи и за денес напладне најавија протест против екстерното тестирање на кој ќе го искажат своето незадоволство од најновиот предлог на Владата. И Студентскиот пленум од Битола и` порача на македонската јавност дека без оглед на пречките кои и покрај писмените најави, на два пати минатата недела им ги создавала администрацијата, како и без оглед на заклучувањето на просторите на факултетите, студентите сепак, на отворено, на паркинг ги договориле своите идни постапки по повод одлуката на Владата

Ако не добиеме дозвола, пленумот ќе го одржиме на отворено.
Битолски студентски пленум

„И покрај обидите на факултетите да го спречат пленумот, ние, студентите, продолжуваме со работа, и ја информираме јавноста дека Третиот пленум ќе се одржи на 26 ноември во 12 часот. Ако не добиеме дозвола, пленумот ќе го одржиме на отворено. Овој пат, и преку медиумите, би сакале да ги потсетиме одговорните на факултетите дека со тоа што го спречуваат одржувањето на студентскиот пленум во просториите на овие високообразовни институции, всушност, постапуваат незаконски и го кршат членот 150 од Законот за високо образование... Ни одобрувале вие или не, ние ќе ги одржуваме пленумите, без разлика на притисоците“, порачуваат од битолскиот Студентски пленум.

Иако ресорниот министер Абдилаќим Адеми најави дека до 2 декември ќе се реши дали контроверзниот проект за екстерно тестирање по основното и средното, ќе се спроведува и во високошколските установи, Владата се премисли, па лично премиерот Никола Груевски, во јавен настап изјави дека интенција на Владата била „да помогнеме да имаме нови генерации со посилно знаење и со поголема креативност, луѓе кои пред се за себе ќе си обезбедат подобри услови, а секако со поголемо знаење ќе бидат позначајни и за самото општество затоа што ќе имаат поголем придонес во него“.

А откако државната агенција МИА цитираше неименувани извори од Владата дека „целта на понудениот концепт, кој е во фаза на финализирање, е зголемување на квалитетот и проверка на знаењето во рамки на високото образование“, но дека не се работи за екстерно тестирање, туку за државен испит, премиерот Груевски во неколку разговори и изјави за провладините електронски медиуми, потенцираше дека таквиот државен испит ќе може и повеќекратно да се полага, се` додека не положи, и дека новиот закон ќе важи само за студентите кои допрва ќе се запишат на факултетите.

За разлика од министерот кој само потенцираше дека „зад студентските протести некој стои“, Груевски директно ја обвини опозицијата за организација и манипулирање со студентските протести.

Како и во случајот кога го прозиваа поради молчењето претседателот Ѓорге Иванов, чија изјава и како шеф на државата и како универзитетски професор јавноста ја очекуваше, и го обвинија дека не реагирал на време, особено кога тие веќе протестирале, студентите веднаш му одговорија и на премиерот дека се „изморени од оваа излишна реторика, која се обидува да даде партиска конотација на иницијативата и со тоа да ја делегитимира“. Студентите му порачаа на премиерот и дека „ќе настојуваат да го вратат нивото на академскиот дискурс којшто се базира на критичност и аналитичност, а не на лични дисквалификации и етикетирање“.

„Пленумот од самите почетоци, посочува дека е политички чинител, но не и партиски инструмент. Во оваа иницијатива има место за секој оној кој се грижи за квалитетот на високото образование и сака да придонесе кон негово унапредување“, се вели во реакцијата на студентската иницијатива. „Би сакале делумно да се согласиме со премиерот кога вели дека политиката ги извадила студентите на улица. Точно, но владината политика во високото образование нѐ извади на улица! И доколку не се направи напор за конструктивна дискусија и оваа мерка не се повлече, ние повторно ќе бидеме на улица“, соопштија од Пленумот.

Во жестоките полемики, по еднонеделно игнорирање на масовните протестите на студентите и реакциите по тој повод, викендов се вклучија и провладините електронски медиуми и портали, пласираајќи анкета со неколкумина студенти кои се изјаснија за екстерното тестирање или за државниот испит. Паралелно, тие ја обвинија опозицијата и невладиниот сектор дека ги поттикнуваат студентите на протести, тврдејќи дека состојбата покажала оти студентите „биле изманипулирани од Сорос (Фондацијата Инситут Отворено општество – н.з) и од опозициските партии кои им создадоа лажна слика за состојбата и претставија проект кој е непостоечки, поттикнати од идеја која се` уште нема свој концепт и не е помината во Влада и низ јавна расправа“.

XS
SM
MD
LG