Линкови за пристапност

САД ја прошируваат поддршката на владеењето на правото во Македонија


Потпишувањето на дополнувањето на документот се однесува на правната едукација и развојот на граѓанското општеството

САД продолжуваат со поддршка на македонската влада, полицијата и судската власт во спроведување на принципот на владеење на правото, за што денеска беше потпишано и Дополнувањето на Писмото за согласност за спроведување на законите меѓу владите на Македонија и САД, потпишано во 2012-та.

„Нашата програма за владеење на правото ќе се прошири и ќе вклучи поддршка во реформите на правната едукација и развојот на граѓанското општеството... “, истакна амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс, кој во името на својата Влада, го потпиша Дополнувањето на Писмото за соработка, со македонските министри за внатрешни работи и правда Гордана Јанкуловска и Аднан Јашари.

Во обраќањето, амбасадорот Волерс истакна дека проблемите со кои се соочува Македонија се присутни насекаде, но дека постапките мора да бидат транспарентни, дијалогот отворен и со соодветен надзор и контрола, за да се обезбеди доверба од заедницата. Тој ја нарече Македонија регионален лидер во борбата против трговија со луѓе и компјутерскиот криминал и одличен партнер во борбата против тероризмот, истакнувајќи дека земјата не е сама во борбата со овие сложени прашања, кои се глобални и сите земји мора да работат и да соработуваат за да се справат со нив.

„Потпишувањето на Писмото е одраз на блиското партнерство меѓу Македонија и САД насочено кон уверување дека земјава е целосно подготвена за да ги реализира своите аспирации за идното членство во ЕУ и во НАТО“, рече Волерс, додавајќи дека „Македонија е една од првите балкански земји која воведе упатства за одмерување на казните, а работи и на нацрт-закон за негово подобрување“.

За министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, дополнувањето на Писмото за согласност е уште една потврда за цврстото партнерство и дека целта е „повеќе од императив“.

„...Тоа е зајакнување на капацитетите на надлежните институции за спречување и справување со криминалот, особено на организираниот криминал и корупцијата“, истакна Јанкулоска.

Министерот за правда, Аднан Јашари, истакна дека „независноста на судскиот систем, претставува основен столб на правниот поредок заснован врз принципот на владеењето на правото и на функционирањето на правната држава“.

Изминатите две години, американската помош во владеењето на правото во Македонија беше за полициските службеници, обвинители и адвокати, со акцент на спроведување на новиот Закон за кривична постапка. Амбасадорот Волерс најави дека САД ќе ја прошират помошта и поддршката во реформите во правната едукација, односно на образованието на идните адвокати, обвинители и судии.

XS
SM
MD
LG