Линкови за пристапност

Македонија: Власта реши да го менува Уставот


Владеачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ успеа да обезбеди 82 пратенички гласови за почнување на постапката за уставни промени.

Денес во Собранието, одлуката за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија беше усвоена со двотретинско мнозинство и стапи на сила веднаш. Сега на потег е Владата, која како подносител на предлогот, за 10 дена ќе треба да ги подготви и до Собранието да ги достави нацрт-амандманите на Уставот.

Според најавите на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, денес започната процедура за уставни промени треба да заврши кон средината на октомври.

Спротивно на медиумските шпекулации за раскол во партијата, пратеникот на ДУИ, Хазби Лика, сепак се појавил во собраниската сала, заедно со лидерот Али Ахмети, со што ДУИ не само што обезбеди 19 гласови (на кои им се придодаде и дваесеттиот глас на поранешната пратеничка на опозиционата НДП, Мирсада Асани, која беше исклучена од партијата од чија листа беше избрана во парламентот, туку и испрати порака за единството во своите редови.

На седницата присуствувале 89 пратеници, од кои против гласале само шетемина пратеници од ДПА, а воздржана била „одметнатата“ пратеничката од ЛДП Роза Топузова- Каревска. Така, со 82 гласови „за“, во кои влегува и единствениот пратеник на партијата ГРОМ - Чедомир Саздовски, кој му се приклони на владеачкото мнозинство, е изгласано почнување на постапката за уставни измени во сферата на бракот, кој според измените, се дефинира како заедница само меѓу маж и жена. А во сферата на фискалните правила во буџетот - со ограничување на буџетскиот дефицит од три проценти и на јавниот долг од 60 отсто од БДП. Со предложените измени се преименува и Народната банка во Банка на Република Македонија, се дефинира Државниот завод за ревизија како уставна категорија и се воведува уставна жалба.

Ваквата разврска највува дека и покрај бојкотот на опозицијата, малите партии кои беа најавувани како каква-таква опозиција во Собранието, ќе им се приклонат на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, па уставните измени низ следните фази на постапката, лесно ќе поминат во парламентот.

И покрај острите полемички тонови меѓу пратениците од владеачката ДУИ и опозиционата ДПА, за тоа кој повеќе ги пренебрегнал барањата и правата на етничките Албанци, денес не стана збор за предизборните ветувања на ДУИ за албанскиот електорат за сосема поинакви измени на Уставот – околу начинот на избор на претседател на државата, начинот на кој Уставниот суд ги носи одлуките и околу барањата за унапредување на положбата на Албанците, поврзани пред се`, со употребата на албанскиот како службен јазик на целата територија на државата.

Според координаторот на ДПА, Имер Алиу, се рабти за неодговорен однос на владеачката ДУИ кон реалната состојба во која се наоѓаат Албанците.

Иако и во отсуство на политичките барања на партиите етничките Албанци од предизборната кампања, за иднината на Македонија се особено важни предложените измени од економската сфера, за медимите како поважна да беше измената која се однесува на дефиницијата на бракот, според која, „во функционирањето на уставниот систем на Република Македонија од донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година до денес, се наметнува потребата од јасно и прецизно уставно дефинирање на бракот како заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж“.

Според Владата, измените на Уставот на Република Македонија ќе овозможат попрецизно дефинирање на брачната заедница, „поради што се наметнува потребата од измена на овој член и тоа во насока со кој ќе се утврди дека бракот е заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж“.

Против ваквиот предлог реагираше Женската алијанса, според која, ако уставното дефинирање на бракот биде усвоено, „тоа ќе значи дека брачната еднаквост во Македонија никогаш нема да се случи, а дискриминацијата на истополовите двојки ќе се забетонира“.

Пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ Владимир Ѓорчев, уставните измени со кои во Македонија бракот ќе се дефинира како уставна категорија, се прават „за да не може тоа да се промени со 42 пратеника и да се промени долговековната традиција во Македонија’.

XS
SM
MD
LG