Линкови за пристапност

Универзитетски професори штрајкуваат со глад


Веќе четврти ден, тројца доценти од штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, протестираат против одлуката да не добијат повисоко звање

„Додека имаме сили ќе протестираме проти самоволието, зашто нашиот штрајк со глад не е само борба за нашите права како индивидуи, туку и борба за автономијата на факултетите и на Универзитетот, каде не смее да се толерира ничие самоволие. На наша страна се законските прописи, извештајот на Рецензентската комисија, одлуките на Државниот просветен инспекторат“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, д-р Крсте Шајноски, еден од тројцата доценти на Економскиот факултет на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, кои се присилени со штрајк да си ги бранат правата

Тој и неговите колеги Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски, веќе четврти ден штрајкуваат со глад. Имено, по неколкугодишна работа на факултетот, тројцата доценти, сметале дека ги исполнуваат условите за статусот – вонредни професори. Откако Рецензентската комисија потпишала позитивен извештај за тројцата кандидати, Наставничкиот совет на факултетот, без образложение, не го прифатил експертскиот став на рецензентите.

„Ги исполнувам сите законски услови и сите криетериуми, имам позитивен рецензентски извештај, во кој предлогот е да бидам избрана во повисоко звање. И покрај таквите извештаи, заради нечие самоволие се прави обид мојот избор да се оневозможи“, изјави во медиумите доцент Матлиеска, а некзиниот колега Шајноски во медиумите потенцираше дека „Се работи за класичен мобинг од страна на менаџментот на факултетот“.

„Се ова е спротивно на членот 132 од Законот за високо образование. Иако имаме добиено позитивна оценка во извештајот, и иако Наставничкит совет тоа треба да го констатира, од необјасниви причини, неговите членови, најверојатно под влијание на деканот, решиле со гласање да го негираат ставот на Рецензентската комисија“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, д-р Шајноски.

Покрај тоа што биле онеправдани со одбивањето на унапредувањето, тројцата доценти не биле избрани ни во досегашното звање, со што, всушност, ги губат и работните места. Д-р Шајноски вели дека ваквиот чекор на деканот на факултетот и на членовите на советот може да се толкува и како реванш за неговиот и за ставот на колегата Костадиновски, затоа што биле солидарни со и претходно онеправданата колешка.

„Ако ова помине, во иднина сите колеги, без разлика на квалитетот искажан низ наставно-научниот процес, ќе бидат казнети и остранувани од работа, само ако поради некоја причина не се согласуваат со деканот“, ни рече Шајноски.

Од тие причини, доцентите почнаа со драстичниот протест – штрајкот со глад во објектот на факултетот. Но, беа избркаани од универзитетското обезбедување, па штрајкот го продолжија во просториите на Регионалната канцеларија на Синдикатот за образование, наука и култура – СОНК, кој им даде целосна поддршка. И тие и понатаму опстојуваат на своите барања, да се почитува одлуката на рецензентите, а деканот, кој според нив, спроведува самоволие и ги крши законите, да поднесе оставка или да биде разрешен од функцијата.

Медиумите ја пренесоа изјавата на деканот на Економскиот факултет во Штип, Ристо Фотов, според кого, „Реционзионата комисија дава предлог и препорака до Наставничкиот совет, а наставничкиот совет е тој што избира и разрешува. Во овој случај, со осум гласа не беше усвоен рецензенскиот извештај, а со истиот сооднос беше изгласана одлуката тие да не останат ниту во сегашните звања“.

Управата на универзитетот во Штип три дена немаше официјален став, а од денес, вработените на универзитетот се на колективен одмор. Но, изјава даде ректорот на Универзитет Саша Митрев. Тој за „Фокус“ изјави дека незадоволните професори „имаат легално на располагање многу механизми за заштита на своите интереси, соогласно Законот, но се уште немаат ништо од тоа искористено. Со јавно манифестирање на незадоволство од гласањето на нивните колеги, се добива само искривена слика дека се некаква жртва на некого. Комисија од правници на Универзитетот ја утврди постапката дека правно се` е во ред и дека нема ништо спорно. Додека самото гласање е законско право на нивните колеги од Наставничкиот совет. Потребно е да се изјасни и Инспекторатот за високо образование“.

Во истата изјава ректорот потенцира дека не може да ги натера со сила колегите од факултетот да гласаат позитивно, но и дека штрајкувачите глумат маченици .

„Ваков случај имаше и на Економскиот факултет на УКИМ пред некој месец, па сепак, немаше некоја поголема реакција, посебно не со штрајк и манифестација на состојба на маченици, кое не доликува на луѓе од Универзитет. Ако не ги сакаат колегите од Економскиот факултет при УГД, ќе ги земе некој друг. Квалитетот ќе си го најде своето место“, смета ректорот Митрев.

Покрај професорите од разни универзитети кои застанаа во одбрана на тројцата штрајкувачи, тврдејќи дека единствено законско релевантно мерило кое треба да биде земено предвид е позитивната оценка дадена во рефератите од Рецензентската комисија, со отворено писмо до ректорот, реагираа и студентите:

„Повикувајќи се на нашето четиригодишно студирање на овој факултет, слободно можеме да кажеме дека станува збор за едни од најквалитетните професори. Овој чин не значи само бркање на тројца професори, (и тоа не било кои), туку и бркање на студентите, кои се во потрага по квалитет и кои својата одлука за студирање ја донеле врз основа на професорите, кои се најдобра реклама за истиот. Гоце Делчев е универзитет со кратка историја и наместо да се привлекуваат поквалитетни кадри, акцентот се става на бркање и на така скудниот квалитетен кадар, на кои сме горди сите студенти“.

И додека се чека реакција Министерството за образование, во дел од медиумите почна да се бара и политичка опачина на случајот, а универзитетскиот професор Јове Кекеновски, во медиумите го отвори и прашањето за последиците од овој случај за понатамошното функционирање на факултетот:

„Очигледно доаѓа до израз непознавањето и волунтаризмот во образованието, кое во принцип негативно се одразува на целото образование. Жално е на ваков начин да се решаваат проблемите, особено пред очите на јавноста и уште повеќе пред студентите. Се поставува прашањето каков ќе биде авторитетот на тие професори кои гласале против своите колеги. Законот е јасен и е на страна на штрајкувачите. Треба да победи правдата“, дециден беше Кекеновски.

XS
SM
MD
LG