Линкови за пристапност

Малку мажи на татковско отсуство во Македонија

  • Соња Трајковска

Само еден маж во Македонија изминативе шест месеци останал дома по раѓање на дете, додека сопругата се вратила на работа.

Македонија е далеку од светскиот и од европскиот стандард кога се работи за искористување на законското право на породилно отсуство за мажите.

Само еден маж во изминативе шест месеци од годинава, а 11 мажи минатата година биле покрај своите деца во првите месци од нивното раѓање, додека нивните сопруги веднаш по породувањето се вратиле на работа.

„Треба да се работи и на промоција на можноста за вклучување и искористување на татковско отсуство, бидејќи, утврдено е дека вклучувањето на таткото во одгледувањето на детето придонесува кон неговата благосостојба и поголемо учество на мајките во работната сила. Затоа, треба да се вложат напори да се обезбеди татковско отсуство или поделено отсуство меѓу мајката и таткото“, вели Лаура Адати, експерт за заштита на мајчинство од Меѓународната организација на трудот од Женева.

Не постои генерална причина зошто во Македонија мажите ретко се одлучуваат да земат породилно боледување. Ниту возраста ниту образованието не се одлучувачки за ваквиот чекор, бидејќи сите биле на различна возраст и главно со средно образование.

Според Фондот за здравствено осигурување, „во најголем дел од случаите, жените остануваат еден до два месеци на породилно, а потоа им го префрлуваат на мажите. Се работи за амбициозни жени што брзаат да се вратат на работа, или, пак, се плашат за своето работно место. Во три од шест случаи во Скопје, мажите биле со помали плати од жените и со средно образование“.

Македонија се вбројува меѓу земјите со најдолго платено породилно отсуство од девет месеци, кое според законот може да го искористат или мајката или таткото. Единствено законот не дозволува мајката да се врати на работа помалку од 45 дена по породувањето, но други бенефиции, кои жените сами одлучуваат дали ќе ги искористат.

„Во интерес на здравје на детето, по враќањето на работа мајката има право на платена пауза за доење во траење од 1,5 час дневно во кое време се пресметува и дневната пауза. Тоа право го има работничката до наполнета една година возраст на детето. Исто така работодавачот за време на нејзината бременост е должен да ја прераспредели на друго работно место доколку постојното може да биде ризично по нејзиното здравје“, објаснува министерот за труд и социјална работа, Диме Спасов.

Како илустрација за тоа дека државата цврсто стои зад ставот дека заштитата на мајчинството е колективна одговорност, министерот Спасов ги наведува и мерките за заштита на жените од дискриминација, конкретно дискриминацијата поради бременост, раѓање и родителство.

„Забраната за дискриминација се однесува на пристапот на вработување, условите за работа и сите права од работен однос и откажување на договорот за вработување работнички кои се наоѓаат во состојба на бременост или користат права кои произлегуваат од раѓање и родителство. Утврдена е и забраната за барање тест за бременост или потврда за таков тест при склучување договор за вработување соработничка“, вели тој.

Сепак, од Меѓународната организација на трудот од Женева сметаат дека усогласеноста на националното законодавство со Конвенцијата за заштита на мајчинството и фактичката имплементација на законите што треба да овозможат поголема здравствена заштита на бремената жена, мајката-родилка и нејзиното дете, а со тоа и поголема вклученост на жената на пазарот на трудот, се дијаметрално различни. Еден од начините за унапредување на примената на законодавството е подогнување на свеста кај работодавачите и промоција токму на на можноста татковците да земаат породилно отсуство.

„Треба да се вложат дополнителни напори, бидејќи постои ефективно законодавство, но тоа треба да се спроведе во пракса, да се обезбеди подобра здравствена заштита и осигурување на приходите на мајките по раѓањето на децата, особено кај ранливите групи, како што се привремените вработувања, оние кои работат на определен период, самовработените, жените од руралните средини…“, вели Лаура Адати, експерт за заштита на мајчинство од Меѓународната организација на трудот во Женева.

Сето ова, потенцира тој, укажува на нашата определба како држава во креирање амбиент во кој го поддржуваме семејството преку подобрена заштита на мајчинството. Заштитата на мајчинството е колективна одговорност што, како што рече, подразбира дека институциите на системот, синдикатите и работодавачите треба да работат заедно за унапредување на положбата на мајките на работното место. Покрај закон и регулатива, потребно е да се има и развиена свест бидејќи законите може да бидат идеални, но ако не се почитуваат реалноста ќе биде далеку од идеална, истакна министерот за труд и социјална политика.

XS
SM
MD
LG