Линкови за пристапност

Хеликоптерска несреќа во Македонија


Во ноќен тренажен лет загинале четворица врвни пилоти

Четворица искусни пилоти од хеликоптерската единици на МВР синоќа трагично загинаа кога нивниот хеликоптер од типот МИ 17-V5 се урна во близина на Струмица. Како што соопшти денеска министеркатата за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, ноќниот тренажен лет бил кобен за 45-годишниот Драги Мицев, началник – пилот, 47- годишниот Маријан Трајковиќ, пилот-капетан, 44-годишниот Тоде Орешков, воздухопловен инспектор за лиценцирање на воздухопловен персонал и пилот и 46- годишниот Иљо Лопатички, командир-пилот, сите пилоти со над 30-годишен стаж. Околу 22 часот хеликоптерот од засега непознати причини удрил во антенски столб висок 120 метри, сопственост на Јавното претпријатие „Македонска радиодифузија“.

„Станува збор за хеликоптер МИ17-V5, сопственост на МВР на Република Македонија. Хеликоптерот летал на релација Скопје - Кавадарци - Валандово - Струмица - Берово - Делчево и обратно. Тој е редовно сервисиран и во текот на летот во кој е користена опрема за ноќна визуелизација не се пожалиле на проблеми, рече Јанкулоска, додавајќи дека во моментов се истражува дали антенскиот столб во кој удрил хеликоптерот бил соодветно обележан.

Истрагата ја спроведува посебна комисија, составена е од експерти од различни области, а досега на самото место најдени се двете црни кутии и уредот за покажување на правецот на летот кои ќе бидат вештачени и прегледани.

Пилотите, како што рече министерката Јанкулоска, за време на летот не се пожалиле на проблеми со леталото. Дел од нив и самиот хеликоптер учествувале во многу спасувачки мисии во земјата и надвор.

„Тие беа и ќе останат пример како се сака својата земја и како се работи во полза на граѓаните. Тие беа врвот на хеликоптерската единица и најдобриот персонал кој МВР го имаше. Беа искусни и со безброј часови лет во различни услови и во различни акции, рече Јанкулоска во текот на емотивната прес-конференцијата, неможејќи да ги задржи солзите додека говореше за четворица загинати искусни колеги.

Очевидци на трагедијата за локалните медиуми во Струмица изјавувата дека несреќата се случила во непосредна близина на индустриската зона крај Струмица, откако леталото удрило во столбот и се урнало во нивите во близина на повеќе индустриски комплекси.

„Го слушнавме хеликоптерот како лета, но беше многу темно, ниту леталото немаше светло. Леташе неколку минути, седум-осум во воздух, изгледа бараше помош или место за слетување“, вели еден очевидец.

„Со другарите игравме фудбал и слушнавме како силно бучи, извикавме "хеликоптер", и во еден момент се појави нешто како огномет и се смеевме. По две секунди се појави оган од хеликоптерот и почна да се превртува во воздухот 3-4 секунди и падна. Експлозијата беше како печурка, раскажува друг очевидец, кој бил на само 200 метри од местото на падот на хелихоптерот.

Хеликоптерот е произведен во 2008 година, а последниот сервис покажал дека тој бил во исправна состојба. За несреќата е известен рускиот производител, кој како што рече Јанкуловска, единствено може да ги отвори и да ги преслуша снимките од разговорот помеѓу пилотската кабина и контролата на летање во црните кутии.

Годината кога е произведен овој хеликоптер беше кобна за 11-мина македонски мировници, кои на 12 јануари 2008-та загинаа кај скопско Блаце, кога нивниот хеликоптер исто така од типот МИ-17, се урна на враќање од нивната шестмесечна мисија во АЛТЕА во Босна и Херцеговина.

XS
SM
MD
LG