Линкови за пристапност

Повици за разум и смиреност пред утрешните протести


Продолжуваат тензиите околу пресудите за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро

Високите страсти продолжуваат да бидат белег на секојдневието во Македонија по пресудите за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро. На реакциите се надоврзаа и опозиционите СДСМ и ДПА. Осудувајќи ги насилствата, СДСМ побара максимална, индивидуална и колективна одговорност. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, потенцираше дека „насилството не е решение за ниту еден проблем“, како и дека насилството „ја одалечува дополнително Македонија од европските и светските вредности и нашите заеднички цели за евроатлантски перспективи“. Истакнувајќи и дека секој има обврска да дејствува во насока на смирување на ситуацијата тој апелираше да не се наседнува на провокации.

И Демократската партија на Албанците ги повика граѓаните да се воздржат од насилство, порачувајќи: „Земајќи ги предвид унифицираните апели на меѓународната заедница во земјата, ги повикуваме сите граѓани да бидат смирени и да се воздржат од акти на насилство. Сите граѓани имаат право да протестираат и да ги изразат своите ставови мирно, но не и да се вклучат во насилни или деструктивни дејствија“.

И Европската унија испрати нов повик до сите граѓани на Македонија да останат смирени и да се воздржат од насилство.

Сите реакции и апели за смирување на ситуацијата се пласирани откако на социјалните мрежи, како одговор на закажаните демонстрации на етничките Албанци во Скопје, на кои се очекува да се придружат и албанските демонстранти од останатите градови во кои досега се протестираше, на социјалните мрежи за утре беа закажани и контра-протести на етнички Македонци пред Владата, под паролата „Да испратиме порака дека не сме кираџии во сопствената држава!“

Во повикот на анонимните организатори на контрапротестите се вели: „Ајде да се собереме и да ги пречекаме Албанците пред Владата, па да им покажеме дека не можат да прават што сакаат со оваа држава и да шират насилство. Македонија почна да личи на Палестина, но Скопје не е Бејрут“.

Според портпаролот на МВР Иво Котевски, лесно може да дојде до судир меѓу двете групи, па затоа и тој апелираше граѓаните да не учествуваат во насилни протести, како оние минатонеделните „во кои беа повредени 30 полицајци од кои четворица со сериозни повреди“

На манипулациите со верските чувства предупреди и поглаварот на Исламската верска заедница на Македонија, реис-ул-улема Сулејман Реџепи: „Јас лично, повеќе би ги мавал лицата што манипулираат со протестите, отколку да го изразувам гневот кон полицијата... На протестите во Скопје имаше премногу хорор. Видовме странски знамиња со арапски текстови, кои не и припаѓаат на нашата нација, нашата држава, па дури и на нашата вера... Тоа беа знамиња на обични манипулатори. Зошто е потребно знамето на Саудиска Арабија да се вее пред носовите на македонските полицајци? Јас не верувам дека арапската држава ќе им дозволи да манипулираат со националното знаме. Таквите лица, без сомнение, се вклучени со цел да се девалвира национален или верски протест’, снмета ефенди Реџепи.

Реагираше и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска, според која, „Република Македонија не смее да биде заложник на каков било верски радикализам, со оглед на фактот што токму меѓуетничките и меѓуверските состојби отсекогаш биле позитивен аргумент за нашето меѓуетничко и меѓуверско живеење. Најостро ги осудуваме организаторите на протестите кои ги искривуваат фактите со цел да предизвикаат тензии и поделби помеѓу заедниците“.

XS
SM
MD
LG