„Очекувам дека властите во соодветните земји ќе ги преземат соодветните законски мерки да ги расчистат случаите, а сторителите да бидат соодветно санкционирани“, изјави денес министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, по повод протестите во Косово и во Албанија, во знак на поддршка на демонстрантите етнички Албанци, кои претходно во неколку македонски градови демонстрираа против пресудите доживотен затвор за обвинетите за петкратното убиство во „Случајот Монструм“, како и против интервенцијата на македонската полициија за време на насилните протести.
Јанкуловска најостро го осуди палењето на македонското знаме на вчерашните протести во Приштина и изјави дека за официјална рекација од македонска страна е надлежно Министерството за надворешни работи.
Вандализмот во Приштина остро го осуди и косовската претседателка Атифете Јахјага, која оцени дека се работи за за неприфатлив акт. Таа порача дека иако правото на протест, со цел да се изрази незадоволство од одредени прашања, е гарантирано со Уставот на Република Косово, „недозволиви се активности кои се спротивни на вредностите и идеалите на демократските општества“, и ги повика надлежните органи на редот на Косово да ги изведат пред лицето на правдата лицата кои го запалија македонското знаме
За разлика од мирните протести во Тирана, на кои се бараше да се престане со наводната репресија врз Албанците во Македонија, вчера пред македонската амбасада во Приштина, учесници во протестите го запалија македонското знаме, а на транспарентите кои ги носеле демонстрантите, имало и пораки: „Ние сме десет милиони, подготвени за битка“, „Скопје, Приштина не те остава само“, „Скопје не е нивно“, „Вистинскиот монструм е Груевски“ и „Али (Ахмети) е предавник“. Исто така, за време на протестот се извикувани националистички пароли и бројни навреди за македонскиот народ.
Паралелно со протестите, во косовските медиуми било обелоденето и соопштение на ветерани на косовската УЧК, кои најавиле дека се подготвени „со сите сили да им помогнат на своите браќа во Македонија, за еднаш засекогаш да и се стави крај на репресијата од Славјаните“.
И денес во Македонија имаше протести - во Куманово, а за в петок се најавени нови протести во Скопје по петочната молитва, како и минатонеделните. За таквите најави, денес министерката Јанкулоска ги повика лицата кои ќе учествуваат, да го прават тоа мирно, затоа што МВР е подготвено на максимално професионален начин, со почитување на сите професионални стандарди, соодветно да одговори протестите, за да не дојде до нарушување на јавниот ред и мир или до ескалација на протестите во поголемо насилство, како минатата недела.
Денес реагираше и владеачката ВМРО0-ДПМНЕ според која, „радикалните протести кои се случуваат деновиве во Република Македонија, немаат никаква поврзаност со Охридскиот рамковен договор, ниту пак со меѓуетничките односи, туку напротив, организаторите на овие протести, ја кријат својата радикална агенда зад параванот на меѓуетнички односи, сакајќи притоа да направат забуна и да мобилизираат повеќе приврзаници, затоа што се свесни дека по друг основ, освен тоа да лажат дека се обесправени и дека им се загрозени правата на Албанците, за нивната агенда тие нема да може да наидат на било каква поддршка од никого. Тоа не може да им помине, затоа што оваа ситуација нема никаква врска со тоа што тие што го организираат ова, сакаат да го наметнат“.
Според ВМРО -ДПМНЕ, протестите се производ на верски радикални елементи, кои се спротивставуваат на пресуда на независен суд за сторено кривично дело свирепо убиство на пет лица, од кои четворица малолетници.
Вчера се огласи и лидерот на опозиционата албанска партија – ДПА, Мендух Тачи, кој по одделните средби со амбасадорите на САДи на ЕУ, Пол Волерс и Аиво Орав, изјави дека простетите се „дел од големото незадоволство против Али Ахмети и политиките на ДУИ“, и потенцираше дека неговата партија не дел од протестите.
„ДУИ е виновна за случувањата околу протестите. Таа партија не ги исполнува ветувањата. Судската одлука за „Случајот Монструм“ треба на сите да ни биде доставена, да видиме дали навистина постојат или не аргументи за такви казнувања. Овој процес ќе биде кредибилен, според нашето мислење, ако повторно се вратиме на нулта позиција“, рече Тачи, кој испрати апел да се протестира, но мирно и достоинствено, за да се смират тензиите и насилствата.