Линкови за пристапност

Груевски: Демонстрантите спроведуваат туѓа агенда


Државата нема да дозволи протестите да ескалираат, изјави премиерот Никола Груевски

„Државата нема да дозволи протестите да ескалираат до таква мера да ги загрозат интересите на граѓаните, или на институциите“, изјави премиерот Груевски

„Она што сакам да го потенцирам е дека таквите луѓе сигурно не работат ниту за интересите на Македонците, ниту за интересите на Албанците, ниту за интересите на Турците, Ромите, Бошњаците и сите други кои живеат во Македонија, ниту за интересите на муслиманите или христијаните. Тие луѓе тераат или некоја своја лична агенда или нечија туѓа агенда“, потенцираше премиерот Никола Груевски, во својата прва изјава за немирите викендов и за судирите на етнички-албанските демонстранти со полициските сили, по неговото враќање од азиското „роуд шоу“ за привлекување на странски инвестиции.

Груевски, кој беше отустен од Македонија и кога беа обелоденети шесте пресуди доживотен затвор за обвинетите за петкратното убиство на Смиљковското Езеро, во првата официјална изјава за немирите потенцираше дека „ниту една држава не ги поддржува протестите во кои се употребува насилство“.

Коментирајќи ги протестите по пресудата во „Случајот Монструм“, Груевски рече дека државата и институциите имаат капацитет да се справат со вакви, но и со многу понепријатни ситуации.

„Министерството за внатрешни работи во изминатите денови мошне професионално ја вршеше задачата и државата нема да дозволи овие протести да ескалираат до таква мера да ги загрозат интересите на граѓаните или на институциите“, рече Груевски. Но, според премиерот, „уште позагрижувачка е поддршката што ја даваат поединци и одредени групи и индиректно или директно, долеваат масло на огнот и со тоа... придонесуваат за влошување на општата клима во тој правец“.

По повод досегашното неизјаснување на државниот врв за неимилите настани викендов во Скопје и низ Македонија, реагираше Либерално-демократската партија.

„Скопје во петокот наликуваше на Бејрут, ден по пресудата за случајот „Монструм“. Шок бомби и водени топови, каменување, повредени, приведени, крвави сцени, искршени стакла, превртени контејнери... Оваа слика, за жал, премиерот не ја виде. Веќе стана пракса, за секој инцидент, за секоја афера, вест за поскапувања, лоши оценки од меѓународната јавност, нашиот премиер дознава на едно од своите роуд шоуа... Премиерот не беше тука ниту кога беа убиени петте лица на Смиљковското езеро, кога се појави четири дена подоцна за да изрази жалење. Иронично, не е тука ни сега, кога се донесе пресудата. Премиерот е далеку од Македонија, секогаш кога е потребно да биде во државата. Истовремено, го нема ни „таткото на нацијата“. Каде е Иванов по инаугурацијата? Нашиот претседател, несакајќи да си ја наруши удобноста од претседателската функција, учествува на разни пивтијади и калинкијади, држи пригодни напишани говори, или пак, се појавува на по некој концерт“, реагираше ЛДП.

Партијата ги повика Груевски и Ѓорге Иванов: „Премиере и претседателе, охрабрете се и појавете се. Охрабрете го народот да ги смири тензиите кои некој ги потхранува. Кажувањето на вистината, верувајте, е единствен начин да се почне, конечно со решавање на напластените проблеми“,

Иако за денес имаше најави за протести во 14,00 часот во Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар, Кучево, Струга и Охрид, и иако, според медиумите и на дел од вработените во објектите на судовите во Скопје, кои беа на удар во петокот, им било советувано порано да ги напуштат работните места, денес се` беше мирно.

Но, масовен протест против пресудите за „Случајот Монструм“ се најавува на социјалните мрежи за в петок во 14,00 часот, пред Владата во Скопје.

За разлика од првите повици, според медиумите сега се повикуваат Албанците од сите албански држави да се приклучат на протестите:

„Ги повикуваме Албанците од Скопје, Гостивар, Куманово, Струга, Охрид, Приштина, Призрен, Пеќ, Тирана, Валона, Скадар и Албанците од Грција да ни се придружат во знак на поддршка“, се вели во повикот.

XS
SM
MD
LG