Линкови за пристапност

Ново-стар состав на македонската влада


Новата влада брои 26 члена: премиер, четворица заменици на претседателот, 14 ресорни министри и седум министри без ресор.

Мандатарот за составот на новата влада Никола Груевски го достави списокот со составот на новиот владин кабинет до Собранието, кое, пак, до 18 јуни треба да свика седница на која ќе биде одобрен предлогот на Груевски од парламентарното мнозинство.

Новата влада брои 26 члена: премиер, четворица заменици на претседателот, 14 ресорни министри и седум министри без ресор.
Во новиот состав на владата има 9 нови имиња во споредба со досегашниот владин тим.

Зоран Јолевски од македонската амбасада во САД доаѓа во Министерството за одбрана.

Ново име е и Михаил Цветков во Министерството за земјоделство кој доаѓа од Социјалистичката партија. На тимот министри задолжени за стрнски инвестиции му се придружуваат и Горан Мицковски и Висар Фида.

Од министерството за локална самоуправа во Министерството за образование се сели Абдулаќим Адеми.

Нови лица се и Аднан Јашари во Министерството за правда, Лирим Шабани во Министерството за локална самоуправа, Беким Незири во Министерството за економија и Нурхан Изеири во Министерството за животна средина како и Мурхан Чако, без ресор.

Останатите министри ги задржуваат своите позиции. Пешевски, Ставрески, Бесими и Џафери остануваат потпретседатели на Владата, а промени нема да има ниту за Јанкулоска, Јанакиески, Тодоров, Попоски и останатите министри на ВМРО-ДПМНЕ.

ДУИ како колалиционен партнер го задржа истиот број на министерски позиции со тоа што одбраната во овој владин состав ДУИ ја замени со ресорот образовение.

Гласот на Америка на македонски јазик за составот на новата влада побара коментар од аналитичарите Јове Кекеновски и Мерсел Билали.

„Изнендаден сум од преголемиот број на министри без ресор (дури 7 на број) иако и досегашните кои беа 5 на број мислам дека воопшто не ја оправдаа довербата и затоа не ми е јасна намерата. Најголем дел од министрите останувааат на своите позиции што јасно укажува на тоа дека на премиерот му е најбитна нивната лична лојалност кон него самиот отколку нивниот квалитет. Што се однесува до најголемиот број нови министри кои потекнуваат од редовите на ДУИ, за мене, а мислам и за пошироката јавност, се непознати личности и во овој момент не можеме да зборуваме за нивниот квалитет. За мене исто така е изненадување предлогот за министер за одбрана кој досега отскокнува од досегашната вообичаена практика на Груевски, министрите да доаѓааат од редовите на заменик министрите или од државните секретари. Сега тоа не е случај. Очекував влада која ќе биде во согласност со изборните ветувања, влада која во иднина нема да трпи почитичко-партиски притисоци, хомогена и едноглава извршна власт, но очигледно дека на овој план не е мрднато ниту милиметар. Во секој случај не очекувам ништо спектакуларно и нешто повеќе од овој состав во однос на претходниот” ни изјави Јове Кекеновски.
За Мерсел Билали нема индиции дека нови владин состав ќе донесе нон квалитет.

„Мислам дека се работи за нова влада со стари табиети и манири. Мислам дека никој од граѓаните, па дури и тие што гласаа за таква власт воопшто немаат илузии дека новата влада ќе донесе нешто ново. Овој владин состав како и претходниот постои сам за себе“, ни рече Мерсел Билали.

На оваа тема денеска во својата редовна колумна во Утрински весник се осврна и аналитичарот Арсим Зеколи. Тој констатира дека „со објавувањето на составот на новата влада, лакрдијашката забава за народот наречена Избори 2014-та е конечно завршена“.

„Македонија на Груевски и Ахмети (о)стана последниот балкански бастион на меѓународната Pax Мафиозо филозофија на стабилност, по цена на умртвување на демократијата. И давање предимство на воено-полициска доктрина за добри граници кои прават добри соседи низ соработка со регионалните корумпирани политички елити и удоволување на национал-шовинистички провокатори. Составот на старо-новиот коалициски кабинет, отворените напади кон моќните земји на ЕУ како и преференцијалните кафеански дружби на американската дипломатија, не оставаат простор за двоумење кон кое царство е приклонета сегашната владејачка врхушка и што може да ја очекува нашата оаза на стабилна сиромаштија во годините пред нас“, оценува Зеколи.
XS
SM
MD
LG